На покана на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во прва официјална посета на Северна Македонија престојува албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши.
Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата во Министерството се согласија дека Северна Македонија и Албанија како земји – сојузнички во Алијансата денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката. Во тој дух, министрите се согласија дека треба да биде инициран нов и сеопфатен Договор за билатерална соработка кој ќе овозможи уште поинтензивна и поблиска одбранбена соработка.
Министерката Шекеринска порача дека Северна Македонија цврсто верува во регионален развој на одбраната преку блиска соработка и вложувањето во специфични капацитети кои би биле на располагање на сојузниците.
„Паметната одбрана е најефикасниот и најдобриот начин напред. Северна Македонија развива специфични капацитети кои ги нудиме на сите сојузници, а еден од нив е и Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации. Отворени сме за блиска соработка и во рамките на заедничките обуки и военото образование, а работиме и на интензивирање на воените вежби како најдобар начин за развој на интероперабилноста во НАТО“, истакна Шекеринска.
Министерот Пелеши информираше дека албанската Воена академија е во фаза на реорганизација и развој по примерот на најдобрите светски воени школи. Двајцата министри се согласија дека треба да се овозможи размена на студенти од Воените академии на двете земји.
„Ние сме соседи и сојузници. Се надевам на интензивирање на одбранбената соработка и на голем број заеднички проекти. Комплементарноста е од клучно значење“, рече министерот Пелеши.
Шекеринска и Пелеши разговараа и за интеграцијата на двете земји во Европската Унија, и укажаа на потребата од што е можно поскоро отворање на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија.
„Со нашата искрена билатерална соработка, со интензивното учество во регионалните иницијативи, ние како земји – членки на НАТО ги штитиме евроатлантските вредности во регионот. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста во регионот и испраќа уште една порака – местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено“, рече министерката и додаде дека земјите испорачаа, сега на ред да испорача е Унијата.
Министрите Шекеринска и Пелеши разговараа и за предизвиците предизвикани од климатските промени и природните катастрофи и се согласија дека потребно е земјите да сметаат една на други во вакви кризи зашто ниту една земја самостојно не може да развие доволно капацитети за брз одговор на катастрофи од големи размери.
Официјалната посета на албанскиот министер за одбрана се реализира само еден ден по министерскиот состанок на регионалната СЕДМ иницијатива и 15 дена по заедничкото учество на министрите Шекеринска и Пелеши на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО. Интензивните контакти на највисоко ниво помеѓу двете земји покажуваат дека и Северна Македонија и Албанија се исклучително посветени на развој на билатералната одбранбена соработка, што ја зацврстува безбедноста во регионот, а соработката е интензивна и активна и како сојузници во Алијансата.
Извор: Влада