„Владата на денешната седница по барање на Комисијата за следење на состојбата во енергетскиот сектор, составена од Министерството за економија донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена”, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Како што информираше министерот Бектеши, со прогласувањето на енергетска кризна состојба, единствена мерка која произлегува од оваа одлука е да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на електрична енергија, односно не се предвидени рестриктивни мерки.
„На 30 октомври, Владата донесе Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Со оваа Уредба се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и мерките што се преземаат во случај на кризна состојба настаната поради временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во услови на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности (пренос, дистрибуција, снабдување и трговија со електрична енергија).
Согласно оваа Уредба, Министерството за економија формираше Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, како постојано тело, со десет претставници од засегнатите чинители на енергетски дејности. Мандатот на овие членови е 4 години.
„Операторот на преносниот систем МЕПСО АД, изготви Извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година. Според доставениот извештај, Комисијата процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија“, соопшти министерот и потенцираше дека ваквата проценка на ризици се темели намалените капацитети на домашното производство, но и поради зголемените цени на светските пазари.
„Владата во моментов е фокусирана на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енерегетска криза. За остварување на таа цел, вклучени се раководствата на компании од енергетскиот сектор и владини институции. Нашата најголема заложба е да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите да се обезбеди најповолната цена на електричната енергија“, изјави министерот Бектеши.
Извор: Влада