Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 71-ва седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Според предложениот дневен ред, на седницата, меѓу другото, ќе биде разгледан Предлог- законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Француската Република кој се однесува на основањето и на активностите на Француската агенција за развој, на Пропарко и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија.
Пред министрите, за разгледување и усвојување ќе се најде и Информацијата за исплата на пензии за месец мај 2021 година, во која се предлага како и досега, со оглед на состојбата со коронавирусот и мерките кои се воведуваат за ограничување на изложеноста на граѓаните, на пензионерите како најранлива возрасна група, исплаќањето на пензиите за мај да се изврши во групи.
На денешната редовна 71-ва седница, со почеток во 12:00 часот, меѓу останатите точки, на дневен ред, за разгледување е и Информацијата за програмата „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“, предложена од Министерството за образование и наука.
За донесените одлуки и заклучоци од седницата, која ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.
Извор: Влада