На денешната конференција на тема „Социјално мапирање на ранливите лица – алатка за креирање на политики засновани на докази“, во организација на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Заедницата на единиците на локалната самоуправа и на Мрежата на локалните самоуправи на југоисточна Европа, социјалните политики на Владата на Република Северна Македонија ги претстави Милан Живковиќ, советник за труд и социјална политика на Претседателот на Владата.
Милан Живковиќ во своето обраќање на конференцијата истакна дека да се живее концептот „Едно општество за сите“ значи да се живее еднакво и рамноправно, што значи целосна вклученост на еднородителските семејства, потполна инклузија на лицата со попреченост во сите сфери на општеството за достоинствено „трето доба“ за највозрасните наши сограѓани и сограѓанки.
Во изминатите 4 и пол години, Владата на Северна Македонија, нагласи Живковиќ, направи многубројни и сеопфатни реформи не само во сферата на трудовата и социјалната политика, туку во сите сегменти кои се потребни за воспоставување на концептот „Едно општество за сите“ во кои е вклучена и децентрализацијата на социјалната заштита на регионално ниво, како и во секоја од општините.
Во овие процеси се вклучени и сите соодветни организации од граѓанскиот сектор со цел поголема инклузија, поголема еднаквост и рамноправност во пристапот до сите социјални права, оособено на ранливите категории граѓани.
Извор: Влада