Советот на Општина Центар вчера ја одржа втората седница, која започна со едноминутно молчење во знак на почит на трагично загинатите граѓани во сообраќајната несреќа во Бугарија. Седницата имаше вкупно 24 точки за работа на дневниот ред.
По првата точка, верификацијата на мандатот на еден од советниците кој не беше присутен на конститутивната седница на Советот, советниците од советничката група на „Левица“ побараа седниците се пренесуваат во живо на општинскиот YouTube канал. На ова, општинската администрација ги информираше дека веќе е завршена постапка за јавна набавка и потпишан е договорот за софтверско решение „Е-Совет“, со кое освен што ќе овозможи пренос во живо на седниците на општинската веб страна, туку и целокупната работа на советот и одлуките ќе бидат поставени и достапни онлајн.
На оваа седница советниците ги изгласаа и одлуките за избор на претседател и членови на комисиите за работа на општината: Комисија за статут и прописи; Комисија за финансирање и буџет; Комисија за урбанизам, планирање и уредување на просторот; Комисија за локален економски развој; Комисија за комунални работи и заштита на животната средина и природата; Комисија за јавни дејности; Комисија за образование; Комисија за здравствена, социјална заштита и заштита на децата, Комисија за доделување на општински награди, Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените, Комисија за култура, Комисија за Програма за работа на Советот и Комисијата за доделување на Годишна награда на Општина Центар – Феникс. Советот ги определи и членовите од Советот на општината за учество при склучување бракови во Матичната служба на Град Скопје.
Покрај ова, советниците се изјаснија позитивно за спогодбените преземања на тројца административни службеници и за прераспределбата на средства од Буџетот на општината за 2021-ва година.
Втората седница на Советот беше прекината и продолжението е закажано за среда (1.12.2021), со почеток во 14:00 часот, на кое ќе се најде планот за програми за развој на општината за периодот од 2022-2024 година.
Советот изгласа и два заклучоци, од кои со едниот заклучок ги задолжи Секторот за инспекциски работи и овластениот градежен инспектор да достават писмен извештај во врска со градежните активности на парцелата на поранешниот трговски центар ТЦЦ Плаза. Со другиот заклучок, Советот побара и од Секторот за урбанизам и урбанистичко планирање, до почетокот на продолжението на седницата, да ги достават на разгледување сите Елаборати за суспензија на Деталните урбанистички планови и одговорот од Министерството за транспорт и врски по елаборатите.
Извор: Општина Центар