Кочани е една од десетте општини во државата, каде ќе се спроведуваат обуки за економско јакнење на жените. На веб-страницата на Општина Кочани е објавен конкурсот за обуки за развој на вештини и знаења за дигитален маркетинг, онлајн продажба и употреба на дигитални технологии, развој на бизнис-идеја и бизнис-план, претприемништво и менаџерски вештини, како и за основни вештини за вработување.
Секоја од четирите тематски обуки има соодветни критериуми, но заедничко е дека жените треба да бидат жителки на Општина Кочани, да се невработени или да имаат почнато свој бизнис, да се над 18 години и со минимум завршено средно образование. Пријавувањето може да биде електронски и со пријава во Општина Кочани, а рокот е до 20 декември. При изборот на учесничките ќе се следи принципот „прва пријавена – прва услужена“. Особено се охрабруваат да се пријават жени од ранливи категории (самохрани мајки, жени од рурални средини, жртви на семејно насилство, жени со попреченост…).
Обуките ќе се спроведуваат во периодот од јануари 2022 до август 2022 година, а се планира да се реализираат со комбиниран пристап (онлајн и со физичко присуство). Начинот на реализација ќе зависи од епидемиолошката состојба во периодот на одржување на обуките.
Овие обуки имаат за цел да го подобрат пристапот до пазарот на труд и да ја зголемат конкурентноста на жените на пазарот на труд, преку подобрување на нивните вештини за вработување и самовработување.
Обуките ќе се реализираат со Фондацијата ЦЕЕД Македонија, како дел од проектот на UN Women „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА.
Извор: Општина Кочани