spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКисела Вода: 46 книги на Брајово писмо-донација за децата со оштетен вид...

Кисела Вода: 46 книги на Брајово писмо-донација за децата со оштетен вид од ДУРМДОВ “Димитар Влахов”

Денес, на Светскиот ден на Брајовата азбука, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски донираше 46 книги напишани на Брајово писмо за учениците од ДУРМДОВ “Димитар Влахов”.

Во библиотеката на ова училиште речиси и да немаше вакви книги чиј процес на изработка е специфичен и скап, а ретко можат да се најдат и во слободна продажба. Донацијата од градоначалникот содржи лектирни изданија кои, за прв пат во Македонија содржат и илустрации.

 

-На нашата предновогодишна средба, јас, како градоначалник на Општина Кисела Вода, во која е лоцирано училиштето за слепи и слабовидни лица, им ветив дека можат да сметаат на мојата поддршка. Денес, тоа го потврдувам со конкретни чекори. Имено, се информирав дека во библиотеката на ДУРМДОВ “Димитар Влахов” речиси и нема книги на Брајово писмо преку кои, учениците би имале достапност до насловите кои ги читаат нивните врсници. Токму затоа, донацијата за која сме денес тука, се состои од 46 книги напишани на Брајово писмо. Овие книги се работат на посебна хартија, со специјални печатачи и како такви се исклучително скапи и родителите на слепите ученици не можат да си ги дозволат, а за волја на вистината, и ги нема во слободна продажба. Од денес, тие ќе им бидат достапни во библиотеката на училиштето. Посебно сакам да нагласам дека за прв пат во Македонија, испечативме книги кои се со илустрации, со што децата ќе го имаат истото доживување при читањето како и нивните врсници кои немаат оштетен вид.

Конкретно, се одлучивме за насловите Гоце Делчев од Ванчо Николески, Песни од Миладинов, Автобиографијата на Григор Прчличев и Малиот Принц од Антоан де Сент Егзипери. Лектирни изданија, но и книги кои се со голема литерарна вредност-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Дечињата, видно возбудени веднаш ги отворија книгите и почнаа да читаат коритејќи го Брајовото писмо. На настанот, покрај градоначалникот Ѓорѓиевски, присуствуваше и Претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Иван Живковски, Претседателот на Национален сојуз на слепи на Република Македонија, Жарко Селковски, како и Претседателката на скопскиот огранок на ова здружение Надица Николовска.

 

Присутен беше и уредник на  издавачкиот центар “АЛДЕБАРАН”, Мите Стефоски, како и сопственикот Мирослав Размоски, на кои градоначаликот Ѓорѓиевски лично им се заблагодари.

-Би сакал да се заблагодарам на издавачкиот центар “АЛДЕБАРАН” кој интензивно работеше за да можеме на време да ја обезбедиме оваа донација токму денес, кога го одбележуваме Светскиот Ден на Брајовото писмо. Се надевам дека на овој начин, преку кампањата која Општина Кисела Вода ја спроведува под слоганот “Различни, а исти”, даваме свој удел во подигнувањето на свесноста за важноста на комуникацијата, како човеково право на слепите и лицата со намален вид, се надевам дека ќе успееме да им ги прошириме видиците!

Грижата за нив не смее да биде само декларативна и секој од нас, треба да работи на надминување на стигмата и на подигнување на бариерите кои на лицата со хендикеп им се пречка за еднакво учество во општествените процеси. Можеби не е ништо големо, но ете, уште еден придонес кон ова што го зборувам, е тоа што и моите визит картички кои ги давам на соработниците, покрај со визуелен фонд, ќе ги содржат моите податоци напишани на Брајова азбука-потенцираше Ѓорѓиевски, кој на присуните новинари им подели вакви визит картички.

 

 

 

 

Извор: Општина Кисела Вода 

Прочитајте

Велес: Награди за најдобрите ученици од основните и средните училишта

0
Општина Велес ги награди најдобрите ученици од основните и средните училишта во градот. За освоено прво, второ и трето место на државни, меѓународни и...