Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити имаше воведно обраќање на онлајн работилницата: „Предизвиците во однос на Реформите во јавната администрација во Република Северна Македонија: клучни наоди од извештајот на СИГМА за 2021“, во организација на СИГМА/ОЕЦД.
,,За нас тоа е документ кој дава реална и објективна слика за напредокот, но и за областите кои бараат дополнителни реформи за да се усогласат со стандардите на ЕУ. Во овој контекст, сакам да истакнам дека веќе работиме на детална анализа на препораките за реформа на јавната администрација и ве уверувам дека тие ќе бидат земени предвид во понатамошните реформски активности на МИОА и на Владата“, рече министерот Алити.
Тој потенцираше дека во фокусот е создавањето на модерна и ефикасна дигитална администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и бизнисите. Во таа насока, е и континуираното спроведување и следење на мерките и активностите предвидени во Стратегијата за РЈА 2018 – 2022 година и Акцискиот план. Исто така, во наредниот период МИОА ќе започне со изработка на новата Стратегија за РЈА со Акциски план (2023-2027), со поддршка на СИГМА.
Министерот Алити се осврна на активностите на МИОА за професионализација и деполитизација на државната служба, за подобрување на правната рамка за администрација и професионализација на високите раководни структури.
,,На 17 септември 2021 година на ЕНЕР беа објавени новиот Закон за административни службеници, Закон за вработените во јавниот сектор и Законот за висока раководна служба. Овие три закони, кои се меѓусебно поврзани, се основа за целосно исклучување на политичките влијанија, но и на секој друг облик на влијание во постапките за вработување во институциите од јавниот сектор. Овие закони директно влијаат на целосната деполитизација на државната администрација и ги поставуваат темелите на вредностите и меритократијата за да се дојде до работното место или унапредување. Исто така, продолживме со процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби, за воведување јасна хиерархиска подреденост според улогата на институцијата“, рече министерот Алити.
Исто така посочи дека континуирано се работи и на зајакнување на капацитетите на човечките ресурси, не само во МИОА како водечка институција во процесот на РЈА, туку и во други клучни институции, како и на модернизација и надградба на системот HRMIS, за зголемување на квалитетот на управувањето со човечките ресурси, подобрување на работната ефикасност и зголемување на транспарентноста.
„Реформата на јавната администрација е процес што го води МИОА, но за успешна имплементација потребна е еднаква посветеност од сите вклучени страни“, потенцираше министерот Алити.
Инаку, воведни обраќања на настанот имаа и шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Дејвид Гир, Мишела Матуела, директор на Директоратот за проширување и соседска политика и шефот на СИГМА/ОЕЦД Грегор Вирант.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација