Се отвора соработката меѓу Општина Кисела Вода и научните авторитети од областа на архитектурата во насока на поддршка за изградба на Расадник како кварт за хумано живеење.
Откако Општина Кисела Вода го постави на општинската веб страница меѓународниот конкурс за идејно урбанистичко – архитектонско решение за градската четврт Ј14 или, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник и го достави до стручната јавност- до Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, со цел истиот да биде стручно издржан, градоначалникот Ѓорѓиевски оствари работен состанок со деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје, проф. д-р Огнен Марина.
Професорот Марина посочи дека ќе го вложи целокупниот интелектуален и научен потенцијал во активностите поврзани со меѓународниот конкурс за креирање на ликот на оваа урбана заедница. Ја потенцираше транспарентноста на Општината, како една од клучните алатки во процесот кои треба да безбедат хумано и здраво живеење на жителите на Расадник, но и на целиот главен град, имајќи ја во предвид неговата географска поставеност. Ги афирмираше и критериумите зададени во нацрт-текстот, со оглед на тоа што по 57 години, Општина Кисела Вода е првата која распишува меѓународен конкурс за изработка на урбанистички план и тоа за конечниот изглед на населбата Расадник. Имено, во градот Скопје досега имало вкупно два меѓународни конкурси за изработка на урбанистички планови. Првиот е во далечната 1914 година, распишан од Министерството за градежништво на тогашното Кралство Србија. Вториот, пак, е распишан во 1965 година, по катастрофалниот земјотрес, во кој прва награда добил Кензо Танге и двајца хрватски архитекти.
Иако правењето на идејни решенија за уредување на градски четврти и за градови, во Западна Европа е стандардна процедура, во Македонија не постојат дури ни правила за објавување на меѓународен конкурс за урбанистичко планирање и уредување.
Градоначалникот Ѓорѓиевски оттука ја нагласи потребата за вклучување на целокупната, а особено стручната јавност при изработката на меѓународниот конкурс за Расадник.
Целта е, истакна тој, да се создаде квалитетен, урбан простор за живеење според сите стандарди и критериуми за хумано живеење. Тоа ќе биде во интерес на целокупната заедница-граѓаните, жителите на Расадник и општина Кисела Вода, бизнис заедницата, потенцијалните инвеститори и сите оние кои можеби својата иднина ја гледаат во оваа населба, додаде Ѓорѓиевски.
На средбата беше договорено и потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Општина Кисела Вода и Архитектонскиот факултет во Скопје. Предложениот нацрт за Меѓународниот Конкурс за идејно урбанистичко – архитектонско решение за градската четврт Ј14 или, попознат како ДУП Расадник, е ставен на увид на граѓаните на општинската веб страница. Забелешките, сугестиите и идеите, со цел истиот да биде што поквалитетно изработен и стручно издржан, можат да се достават на емаил адресата competition.rasadnik@kiselavoda.gov.mk.
До крајот на февруари, конкурсот ќе биде меѓународно објавен, а по неговото завршување, ликот на Расадник ќе го бираат неговите жители.
Извор: Општина Кисела Вода