Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 14-та седница го задолжи АД Електрани на Северна Македонија да отпочне процес за потпишување на Договорите за реализација на Меморандумот за разбирање склучен помеѓу АД ЕСМ и Гастрејд С.А врзани со проектот Терминал за течен гас во Александропулос, Република Грција.
Со овие договори и преземени обврски, Терминалот за течен гас во Александропулос ќе обезбеди сигурно и долгорочно снабдување со течен гас за потребите на Северна Македонија.
Реализацијата на овој проект, кој е прогласен за проект од посебен интерес на Европската Унија за природен гас и за кој Европската комисија одобри поддршка, обезбедува ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар.
На оваа своја седница Владата ја донесе Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2022 година со која ќе се подобри руралната инфраструктура и пристапот до земјоделските површини.
Корисници на средствата на оваа програма се центрите за развој на планските региони на територијата на Република Северна Македонија, регистрирани согласно Законот за рамномерен регионален развој.
Избраните проекти е предвидено да се реализираат во рок од дванаесет месеци од денот на потпишување на договорот за финансирање. Корисниците ќе поднесат финансиски и наративен извештај најдоцна 15 дена по крајниот рок за имплементација.
На денешната сеница е разгледана и Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија, во која како главна цел е трансформирањето на ЕУ во една силна Европа во светот, целосно суверена, слободна во својот избор и господар на својата иднина.
Како исклучително позитивен и значаен е делот од програмата со кој недвосмислено се потврдува посветеноста за Западен Балкан, притоа силно нагласувајќи ја важноста и одговорноста на ЕУ која ја има кон европските перспективи за земјите од регионот.
На оваа седница е разгледана и Информацијата за предлог структури и Акциски План за воспоставување на систем за индиректно управување од страна на Република Северна Македонија со ИПА средствата согласно барањата од Регулативата за имплементација на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3) за 2022 година.
Според структурата, ИПА III е поделена на 5 прозорци и 17 тематски приоритети и тоа: Владеење на правото, фундаментални права и демократија; Добро владеење, усогласување на законодавството, добрососедски односи и стратешка комуникација; Зелена агенда и одржлива поврзаност; Конкурентност и инклузивен раст; и Територијална и прекугранична соработка.
Во рамките на приоритетот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ предвидени се дополнителни тематски приоритети: Животна средина и климатски промени и Транспорт, дигитална економија, општество и енергија.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 -2030.
Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 во Република Северна Македонија е дел од јавните политики на државата за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници.
Стратегијата и инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки и е во согласност со постигнувањето на одржливите развојни цели на ОН.
Извор: Влада