Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со премиерот на Холандија, Марк Руте, кој му го честиташе изборот за премиер и му посака успешно остварување на владината програма.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за посетата на холандскиот премиер во ноември минатата година и истакна дека таа посета дополнително ја интензивираше соработката меѓу Република Северна Македонија и Холандија, која е најголем билатерален донатор на нашата земја.
Посебна благодарност претседателот на Владата, Ковачевски изрази за силната и континуирана поддршка на Холандија и на премиерот Руте лично, во аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски го информираше неговиот колега Руте дека Северна Македонија продолжува со имплементацијата на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика во дијалогот и отворената комуникација со премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков.
За време на телефонскиот разговор, двајцата соговорници се согласија дека дијалогот Скопје – Софија ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и дека тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ од што се очекува позитивен импакт и за целиот регион на Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски информираше и за актуелните политички процеси дома, особено во делот на справувањето со светската енергетска криза и за поддршката на Владата за ублажување на последиците од неа за граѓаните.
На крајот од разговорот, холандскиот премиерот Марк Руте го покани претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во прва можна прилика да ја посети Холандија.
Извор: Влада