Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, ги доделија првите договори за инвестиции од Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“.
„Конкретно за оваа мерка, особено ми е драго што првичната одобрена сума од 9,6 милиони евра, Европската Делегација ја зголеми на 13,5 милиони евра, со цел да се поддржат поголем број на инвестиции. И ова е сериозен доказ, за нашата посветеност и секоја преземена активност за ефикасно искористување на мерките од ИПАРД програмата – без да се враќаат пари назад, туку напротив, да добиваме повеќе пари преку европските фондови, кои земјоделците ќе ги користат за нови инвестиции, за модернизирање на производството, од што крајниот бенефит е модерно, развиено и европско земјоделство“ изјави Николовски.
Мерката 7 има широка примена и по принципот на кофинансирање нуди поддршка за најразлични инвестиции во земјоделството.
„Со помош на средстава од ИПАРД 2 ќе се реализираат инвестиции во сместувачки капацитети за развој на руралниот туризам, инвестиции во обезбедување на ветеринарни услуги во рурални средини, инвестиции во производство на ПВЦ столарија, производи од метал, бетон, дрво и текстил, а дел од апликантите ќе набават опрема за производство на ракија, мед и други прехрамбени производи и пијалоци. Соодветните апликанти кои се јавуваат како физички и правни лица доаѓаат од различни делови на државата што оди во насока на обезбедување на рамномерен регионален развој, пред се од економски аспект“ изјави директорот Бачовски.
Преку сите мерки од ИПАРД 2 програмата, до денеска вкупно одобрени и реализирани се 2.257 проекти, со вкупна вредност на инвестициите од над 69 милиони евра. До денеска целосно реализирани се 1.948 проекти со вкупна вредност на инвестициите од 39 милиони евра, а 1.781 апликант целосно ги завршиле инвестициите и на нивните сметки вратени се 21,8 милиони евра средства кои се директно слеани во домашното стопанство и кои директно влијаеле на отворање на нови и модернизација на постојните капацитети.
За ИПАРД 3 програмата што треба да се усвои месецов, очекуваме ЕК за Северна Македонија да одобри над 50 отсто повеќе финансиски средства. Првиот јавен повик за ИПАРД 3, се очекува да се објави во последниот квартал од годинава, со достапни над 30 милиони евра.
Ова се пари за нови инвестиции, кои директно влегуваат во земјоделството, и значат профитабилност, напредок и заработка. Паралелно, со новите Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кои за прв пат годинава се усогласени со европските регулативи, го позиционираме земјоделството како една од базичните гранки на кои ќе го темелиме идниот економски раст.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство