Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работна посета на Република Полска се сретна со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Збигњев Рау. Посетата се случува во пресрет на јунскиот самит, во контекст на засилениот ангажман за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, како стратешка цел на земјата и императив за целиот регион.
На разговорот, во преден план беа актуелните теми поврзани со евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и притоа Османи ја истакна благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што Полска ни ја дава во процес на проширувањето на ЕУ. Беше истакнато дека остануваме посветени на доследна имплементација на реформската агенда, како и на активностите за унапредување на добрососедските односи, со посебен фокус врз Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на постоечките разлики.
„Продолжуваме да работиме со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мулти-секторска соработка и надминување на постоечките разлики со нашите пријатели од Бугарија. Во овој контекст, искажувам благодарност традиционален повеќедецениски пристап и поддршка од Република Полска, како и на целата В4 група, која во континуитет даваше безусловна поткрепа на нашиот евроинтегративен пат. Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно“, истакна Османи.
Министерот Рау ја реафирмираше цврстата поддршка на неговата земја за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни о.г.
Посебен акцент во разговорот беше ставен на соработката во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со која Полска ќе претседава во текот на 2022 година. Оваа соработка, чија цел има промоција на вредностите врз кои почива Организацијата – демократијата, мирот и стабилноста преку изградба на довербата преку дијалог и транспарентност, добива на значење во контекст на претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 годин.
За време на престојот во Варшава, шефот на дипломатијата, Османи оствари одделна средби и со претседателот на комисијата за надворешни и ЕУ работи во полскиот Сенат, г. Богдан Клих со кој дискутираше главно за претстојната европска агенда на Северна Македонија.