Интензивно се работи на преадаптација на старата спортска сала во СОУ „М.М.Брицо“ која ќе прерасне во конгресна сала за потребите на училиштето, невладиниот сектор, но и Општина Делчево. Како што истакна директорот на училиштето, Љупчо Прачковски, старата спортска сала била во лоша состојба, не била реновирана повеќе децении, а со оглед на тоа, не била функционална.
– Со оваа преадаптација на просторот, ќе донесеме сосема нов лик на салата, која ќе биде атрактивен простор за одржување настани кои бараат поширок аудиториум, како најразлични предавања, семинари, обуки, а согласно просторот што ќе се уреди и соодветниот мебел и опрема, салата ќе може да ја користат и други чинители во Општината, како и да се стави целосно за организирање настани од таков вид на Општина Делчево, истакна Прачковски.
Согласно со проектот, во тек се градежни интервенции за комплетна промена на подот, уредување на плафонот и ѕидовите, проширување на влезната врата, како и отворање помошни врати, уредување на сцената, соодветно озвучување и осветлување и слично.
Вредноста на проектот е 3, 5 милиони денари, средства обезбедени од училиштето, а градежните работи треба да завршат за еден месец.
Извор: Општина Делчево