ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија за третиот ИПА прогрмски период 2021-2027 година, денеска беше потврдена од страна на Заедничката работна група во чија работа учествуваат претставници од надлежните министерства од Северна Македонија и од Бугарија.
Во својата финална фаза Програмата ќе биде доставена на конечно усвојување во Брисел, по што ќе може да отпочне нејзината имплементација преку финансирање на заеднички проекти меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Заменикот министер за локална самоуправа Зоран Димитровски ја поздрави посветеноста на надлежните институции од двете земји во текот на подготовката на Програмата. Димитровски ја истакна важноста на Програмата за граѓаните од двете држави.
-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија ни става на располагање 31 милион евра од Европската Унија со кои што можеме да реализираме значајни проекти и во двете земји, како и еден стратешки проект, граничниот премин Клепало, за што се резервирани околу 10 милиони евра.
Димитровски рече дека во рамките на овој проект се предвидува изградба на нов и рехабилитација на постојниот патен правец за поврзување на Берово со Струмјани и рехабилитација на граничниот премин Клепало.
-Заедничката иднина на земјите од регионот е во Европската Унија, очекувам побрзо отпочнување на преговорите на нашата земја со Европската Унија и уште подобра и поинтензивна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, рече Димитровски.
Усвојувањето на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на Европската комисија е услов за отпочнување на нејзината имплементација
Објавувањето на првиот јавен повик за проекти во три приоритетни области се планира за наредната, 2023 година, веднаш по усвојувањето и воспоставувањето на институционалната структура за спроведување на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, за периодот до 2027 година.