Агенцијата за примена на јазикот на РСМ, од понеделник ќе започне со обука на околу 80 преведувачи и лектори од разни институции на јавната администрација.
Директорот на АПЈ, Илбер Села и координаторката на обуката, Шпреса Зеќири Ибрахими, ги пречекаа кандидатите за да ги запознаат, а воедно и да им го соопштат текот на обуката.
Во таа прилика директорот Села ја истакна потребата од редовност при следењето на обуката, имајќи ги предвид честите проблеми на кои наидуваме во разни документи при употребата на јазиците, особено на терминологијата, од каде што се создава и потребата за нејзино усогласување со јазикот што се употребува во администрацијата. Целта на оваа обука, рече Села, е во согласност со потребите на преведувачите и на лекторите од сите институции, административни органи, најпрво министерствата, јавните претпријатија и судството, за што се ангажираат и еминентни професори од Северна Македонија, од Косово и од Албанија.
Шпреса Зеќири Ибрахими, координаторка на обуката, соопшти дека обуките ќе се одржат во 6 групи по 15 кандидати, кои ќе се обучуваат на разни теми од областа на преводот, како практична помош во примената на Законот за употреба на јазиците, во негувањето, промоцијата и зачувувањето на службените јазици и на нивниот еднаков статус во РСМ.
Директорот Села побара од сите учесници што ќе наидат на разни потешкотии да ѝ се обратат на АПЈ за совет, што ќе им биде од помош во нивното надминување.