Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари билатерална средба со сојузната министерка за ЕУ и уставни прашања на Република Австрија, Каролине Едштадлер, за време на нејзината посета на Скопје.
Во фокусот на средбата беа предизвиците во рамки на процесот на проширување на ЕУ и следните чекори во клучниот период што следи, како несомнено важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот. Интересот на Австрија, како непосреден сосед на земјите на Западен Балкан е од исклучително значење, при што, има изострена диоптрија за неопходноста од забрзување на пристапниот процес на сите земји од Западен Балкан, а особено во однос на европското досие на Северна Македонија како неопходност од забрзување на истото.
“Северна Македонија, но и ЕУ, немаат време за губење; секое натамошно одложување на нашиот пристапен процес ќе имаа сериозни последици за нашата држава, земјите од Западен Балкан, но сигурно и за кредибилитетот на ЕУ во регионот и нејзината улога како глобален играч“, нагласи Османи.
Соговорниците се согласија дека војната во Украина, на драматичен начин, покажува колку е нужно потребно да се вбризга нова и забрзана динамика на патот на Западниот Балкан кон ЕУ. Членството на регионот во ЕУ претставува суштински геополитички интерес за безбедноста и стабилноста на Унијата.
Османи ја информира Министерката за силната наша осуда и нашето придружување кон сите пакети на санкции во поглед на случувањата во Украина, со што постигнавме 100% ниво на усогласување на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.