Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера беше домаќин на претседателот на турската фондација во Македонија, “Маариф”, Мехмед Баран, директорот на кампусот во Скопје, Зекерија Арслантурк и нивниот асистент, Нуман Идриз.
На средбата градоначалникот беше запознаен со работата на фондацијата Маариф, која е основана од Владата на Република Турција и е единствениот правен субјект од оваа земја, овластен да обезбедува образовни активности ширум светот. Беше информиран и за функционирањето на кампусот во Скопје во чиј состав работат градинка, основно и средно училиште, а наставата се одвива на англиски јазик.
Покрај запознавањето, на овој работен состанок, беа разменети повеќе идеи околу можностите за соработка и сферите во кои таа е можна. Во добро расположение и со првичен договор за реализација на повеќе можни проекти, финишираше оваа средба на која на градоначалникот му беше врачен симболичен подарок-сувенир кој симболизира вечно пријателство.
Инаку, од своето основање, фондацијата Маариф застапува 340 училишта во 42 земји. Во Македонија, се присутни од 2018-тата, а наставата во скопскиот кампус се одвива од оваа учебна година.
Извор: Општина Кисела Вода