spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Се следи реализацијата на капиталните инвестиции со механизмот КАПЕФ – во...

МФ: Се следи реализацијата на капиталните инвестиции со механизмот КАПЕФ – во првиот квартал резервирани 558 милиони денари

Министерството за финансии веќе втора година го следи процесот на реализација на капиталните инвестиции од страна на буџетските корисници преку воспоставениот механизам КАПЕФ, уреден во Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2021 година и Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2022 година, а кој предвидува награда за оние што ги реализираат своите планови согласно утврдените критериуми. Информацијата за реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал од 2022 година денеска беше усвоена од страна на Владата на РС Македонија.

Согласно механизмот КАПЕФ, на крајот на првиот квартал буџетските корисници треба да имаат реализација од најмалку 15% од планираните капитални расходи, на крајот на вториот квартал 40% и на крајот на третиот квартал 65%. Доколку не ги постигнат овие лимити, средствата се резервираат за капитални расходи во рамките на буџетот на буџетскиот корисник, без право на трошење.

Доколку буџетските корисници од централната власт заклучно со вториот квартал од тековната година реализирале 40% од капиталните расходи на ниво на потпрограма и ставка од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби на средства, односно заклучно со третиот квартал од тековната година реализирале 65% од капиталните расходи на ниво на потпрограма и ставка од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби на средства, прераспределените средства им се враќаат.

На предлог на Владата на Република Северна Македонија, за користењето на средствата од резервираните капитални расходи што не се вратени одлучува Собранието на Република Северна Македонија со Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите или со донесување измени и дополнувања на Буџетот.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими тоа е веќе воспоставен систем што им е познат на сите буџетски корисници, кои знаат дека доколку не го остварат поставеното, средствата ќе им бидат резервирани. Механизмот КАПЕФ се применуваше и во 2021 година и тој позитивно влијаеше врз реализацијата на капиталите инвестиции токму во годината во која се соочувавме со криза. Така, податоците покажуваат дека на крајот на 2021 година има реализација од 79% од планираните капиталните расходи, со тоа што и во апсолутен износ капиталните инвестиции беа повисоки споредено со претходните години. Имено, во 2021 година беа реализирани 23,4 милијарди денари капитални инвестиции.

Во првиот квартал од оваа година реализирани се 12,9% од планираните капитални расходи. Имено, во првите три месеци, односно од 1 јануари до 31 март 2022 година реализирани се 4,9 милијарди денари што претставува 23,5% повеќе споредено со истиот период минатата година или за близу 1 милијарда повеќе.

Врз основа на примeната на механизмот КАПЕФ, утврдено е дека буџетските корисници имаат неискористени 558 милиони денари, коишто ќе им бидат резервирани.

На буџетските корисници од централната власт на кои им биле резервирани средствата, кога ќе реализираат 40% од капиталните расходи од планираните во буџетот, Министерството за финансии ќе им ги врати средствата во програмите и ставките од каде што се прераспределени.

Како Влада остануваме посветени на реализација на капиталните инвестиции и покрај актуелната енергетска криза и потребите за одговор со цел намалување на влијанието од неа, за што беше донесен и пакетот од 26 мерки. Реализацијата на капиталните инвестиции значи постигнување повисоки стапки на раст и подобар животен стандард на граѓаните.

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

МОН: Повик за учество во програмата „Study of the United States...

0
Министерството за образование и наука известува дека Американската амбасада го објави повикот за прием на апликации за програмата „Study of the United States Institutes“. Програмата...