Владата на Република Северна Македонија денеска ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на КОВИД-19.
Почнувајќи од денеска, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:
– Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори;
– Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители;
– Се укинува забраната за групирање на јавен простор;
– Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса;
– Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата;
– Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина; и
– Продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15.06.2021 година.
На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.
Владата денеска го прифати барањето на Одбојкарската федерација на Македонија претстојниот финален турнир од Европската сребрена лига за мажи, кој на 5 и 6 јуни ќе се одржи во Спортската сала „Парк“ во Струмица и на кој ќе учествуваат националните селекции на Северна Македонија, Данска, Хрватска и Унгарија, да се организира со присуство на публика со исполнет капацитет не повеќе од 30%, и со дистанца од 1,5 метри меѓу секој гледач.
На денешната седница Владата го усвои Записникот од Тринаесеттата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19, со која се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризната состојба до 31 декември 2021 година.
Владата на денешната седница, под координација на претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, ги разгледа извештаите поднесени од страна на надлежните институции, поврзани со информациите за случајот со увоз на нафтени деривати. Во рамки на рокот од 14 дена, по владините задолженија дадени на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, сите институции, Министерството за економија, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Бирото за метрологија, доставија извештаи. Извештаите содржат информации во врска со почитувањето на одредбите од Правилникот за квалитетот на течните горива, податоци за увоз на нафтени деривати во периодот 2018-2020 година, извршени надзори од страна на инспекторатите во компаниите увозници и корисници.
Се работи за обемна документација и по направениот пресек на досегашните добиени информации, се донесе одлука дека е неопходно за одредени наоди, дел од надлежните институции да достават дополнителни информации во рок од седум дена.
Царинската управа е дополнително задолжена, да го дополни извештајот со податоци за сите компании увозници на мазут и масло за ложење за периодот 2018-2021 година. Исто така, Царинската управата треба да достави извештај за постапување по претставки за увоз и извештај со податоци за спроведени контроли на мазут во нивната лабораторија и во акредитираните лаборатории.
Владата ги задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и Министерството за економија, заедно со Царинската управа, ДПИ и ДИЖС, по извршените анализи на досегашните информации да направат сублимат и истиот да го достават на следната владина седница.
Дополнително, Владата ја задолжи Царинската управа да ги споделува сите информации за влез на нафтени деривати со ДПИ, со цел поефикасно спроведување на надлежностите.
Во текот на следните денови од страна на Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Министерството за економија, Царинската управа, ДПИ и ДИЖС, детално ќе бидат анализирани и сублимирани досегашните добиени податоци, со цел да се добие целосна слика за фактичката состојба, по што на следната владина седница ќе се донесат соодветни заклучоци за понатамошно постапување.
На предлог на Министерството за финансии денеска е донесена Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2022-2024 (со изгледи до 2026).
Фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории на проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија.
Клучни елементи на среднорочната фискална политика го претставуваат редизајнирањето на буџетската политика и фискална консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.
Редизајнирањето на буџетската политика е во тесна врска со стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, која е составена од четири столба: (I) економско заздравување од КОВИД-19, (II) забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, (III) зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и (IV) развој на човечките ресурси и еднакви можности.
Владата денеска ја донесе и Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Северна Македонија за 2022-2024 (со изгледи до 2026 година)
Една од основните цели на управувањето со јавниот долг е да се овозможи развој на домашниот пазар на државни хартии од вредност, со што ќе се овозможи намалување на ризикот од рефинансирање на долгот, резистентност на екстерни шокови и обезбедување долгорочна одржливост на долгот.
На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со кризи кој предвидува усогласување со реализацијата на Проектот и започнатата имплементација на Европскиот број за итни повици во Република Северна Македонија, E-112.
Имплементацијата на овој проект има за цел ефикасен и целосен одговор при повик-јавување во случај на ризици, опасности или други несреќи на целата територија на Републиката за итно давање и пружање на помош на повикувачот или реакција во врска со пријавена опасност, од страна на Центарот за управување со кризи.
Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-Законот за медијација кој има за цел приближување на земјата кон Европската унија, која во ситуација на разрешување на конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив.
Со унапредувањето на законското решение ќе се овозможат услови за успешна примена на законот во пракса, ќе се овозможи воедначена примена на законските одредби од страна сите медијатори, и ќе се промовира медијацијата и резултатите од нејзината примена.
Извор: Влада