Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити оствари работна средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон.
Министерот ја запозна амбасадорката со тековните проекти поврзани со реформата на јавната администрација и дигитализација, како и со клучните предизвици во таа насока, при што ја искажа силната заложба за засилување на ефикасноста и професионалноста на администрацијата.
Во фокусот на разговорите беше важноста од законските измени со коишто се регулира работата на администрацијата, зајакнување на јавните институции и процесот на реорганизација, за што амбасадорката на Кралството Шведска изрази силна поддршка.
Во однос на дигитализацијата, беше потенцирано дека тој процес е битен со цел транспарентно функционирање на институциите и подобри услуги за граѓаните.
На работната средба се разговараше и за можностите за продлабочување на соработката која ќе продолжи и понатаму. Министерот Алити и се заблагодари на амбасадорката Форсгрен Бенгтсон за средбата, а воедно и за континуираната поддршка на Кралството Шведска на нашата земја.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација