spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи со Република Малта

МНР: Политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи со Република Малта

Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Малта  преку видео-конференциска врска одржаа билатерални политички консултации, предводени од заменик-министерот за надворешни работи, Фатмире Исаки и Постојаниот секретар во малтешкото МНР, Кристофер Кутајар.

На средбата беше искажано задоволство од позитивниот тренд на развојот на билатералните релации, особено интензивирани по воспоставувањето дипломатски односи во 2016 година, со нагласок на заемните заложби за продлабочување на политичкиот дијалог, унапредувањето на економската и парламентарната соработка, како и соработката во културата, образованието, туризмот и останатите области од интерес на двете држави. Мост за продлабочување на пријателските врски претставува и бројната заедница од Северна Македонија во Малта.  

ЗМНР Исаки ја поздрави принципиелната поддршка од Република Малта на нашиот евро-интегративен пат и порача дека Северна Македонија останува посветена на реформските процеси и на градењето добрососедски односи. Во таа насока, информираше за заложбите и ангажманот од наша страна во насока на одржување на првата Меѓувладина конференција и формално отворање на пристапни преговори за членство со ЕУ што поскоро.

Постојаниот секретар Кутајар нагласи дека нашата држава заслужува неодложен старт на преговорите, за што официјална Ла Валета ќе продолжи силно и безрезервно да се залага како дел од континуираната поддршка за процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

За време на разговорите особено внимание беше посветено и на соработката на двете земји во рамките на мултилатералните организации. Воедно, беа разменети мислења и за актуелни теми од меѓународните односи, состојбите во Украина и предизвиците со миграцијата.

 

 

Извор: Министерство за надворешни работи 

                               

Прочитајте