Преставници на скопското танцово и фитнес студио „Dancers United“, кои пред десетина дена се вратија со уште еден златен медал од Европското првенство кое се одржа во Полска, вчера беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Имено, во рамки на Европското првенство кое се одржа во Варшава на 29 и 30 април, танчерите на „Dancers United“ со изведба на танцовата точка на лицата со типичен и атипичен развој, успеаја да ја одбранат титулата светски прваци.
Во рамки на посета, танчерите ги споделија своите импресии кои ги стекнаа на ова елитно натпреварување. Во оваа пригода тие му врачија признание на првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, во знак на благодарност за Општина Карпош, бидејќи локалната самоуправа им обезбеди еднократна финансиска поддршка на танчерите, пред патувањето во Варшава.
Инаку „Dancers United“ е мултиетнички и мултикултурен клуб кој функционира на територија на општина Карпош, каде што се изучуваат повеќе танцови стилови за сите возрасни групи. Една од главните цели на овој клуб е промоција на рамноправноста и инклузивноста во нашето општество. Како што велат тие, танцот е одлична алатка за вклучување на Лицата со попреченост и градење на нивната самодоверба.
Извор: Општина Карпош