Во рамки на денешната седница која се одржа во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, советниците од Карпош расправаа по пет точки од дневниот ред. По опширната дискусија која се разви во врска со предлогот за регулирање на наплатата на комунална такса по основ, организирање на зонско паркирање на дел од јавните паркиралишта на подрачје на општина Карпош, советниците со мнозинство гласови ја поддржаа оваа Одлука.
Тоа значи дека Јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје ќе биде одговорно за јавните паркиралишта и јавните површини кои ќе бидат наменети за зонско паркирање на територија на општината, односно ќе функционира како организатор на сообраќајот во мирување. Во таа насока, јавното претпријатие ќе преземе активности за организација на сообраќајот во мирување, вклучувајќи ги тука одбележувањето, одржувањето и користењето, како и техничките и организациските работи, наплатата и надзорот над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта и површини за зонско паркирање.
Во овој случај, за користење на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за зонско паркирање, ЈП „Градски паркинг“ – Скопје има обврска да плаќа комунална такса, согласно Законот на комуналните такси и Законот за Град Скопје. Оттаму, јавното претпријатие е должно да поднесува до Советот на Општина Карпош/градоначалникот на локалната самоуправа, полугодишни извештаи за преземените мерки и активности во насока на одржување и информација за тековната состојбата на јавните паркиралишта и јавни површини наменети за зонско паркирање.
Во продолжение на седницата, советниците дадоа „зелено светло“ за Одлуката со која се прифаќа донацијата од Здравко Василевски во вид на изработка на техничка документација, за поставување на фекална канализација во населбата Бардовци. Основниот проект за фекална канализација се однесува на дел од Блок 11 и Блок 17 во населбата Бардовци, а техничката документација ќе ја изработи „Прима Инженеринг“ ДОО – Скопје, додека пак ревизијата ќе ја изработи „Алдинг инженеринг“ ДООЕЛ – Скопје. Вкупната вредност на донацијата ќе изнесува 720.000 денари.
Советниците од Карпош ги поддржаа и Предлог-Програмите за изменување и дополнување на Програмите за активностите на Општина Карпош, во областа на спортот и образованието за 2022 година. Низ аргументирана дебата, советниците се договорија да ја поддржат и Одлуката за утврдување надоместок за градежно земјиште (комуналии), за населените места Бардовци и Злокуќани, поточно за деловите кои се надвор од границите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје.
Извор: Општина Карпош