Денот на мрежата на НАТУРА 2000 подрачја во Европа беше одбележан во туристичкиот инфо-центар на Пониква, Осоговски Планини, во присуство на претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), градоначалникот на општина Кочани, претставници од Фармахем, Македонското еколошко друштво (МЕД), претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка, како и локални чинители.
Настанот го отвори тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Марјана Шушлевска.
За значењето на Натура 2000 мрежата за заштита и зачувување на природата на национално и европско ниво, говореше државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање и претседател на управниот одбор на Програмата за зачувување на природата, Каја Шукова.
– Денес, кога го одбележуваме 21 мај, денот на Европската директива за живеалишта, ми претставува задоволство да истакнам дека во Источниот Плански регион, делови од Малешево заедно со Долна Брегалница и Овче Поле веќе се идентификувани како потенцијални подрачја за Натура 2000. МЖСПП, во соработка со Фармахем, МЕД и национални експерти преку Програмата за зачувување на природата, спроведе низа активности поврзани со Натура 2000, вклучително и изработка и пополнување на Стандардни формулари за Натура 2000 за Малешево, Долна Брегалница и Овче Поле, комуникација со засегнати страни за Натура 2000, изработка на промотивен материјал, кампања со локалните чинители, како и идентификација на живеалишта, растенија, животни и птици од ЕУ значење – рече Шукова.
Таа истакна дека активностите на Министерството продолжуваат и оваа година, со мониторинг на животинските и растителни видови и нивните живеалишта и изработка на Планови за управување со идентификуваните Натура 2000 подрачја, додавајќи дека концептот за Натура 2000 во руралните средини отвора нови можности, преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин кој не ја загрозува природата.
„Чест и задоволство за нас е што оваа година одбележувањето на денот на Натура 2000 се случува на Осоговските Планини, пределот којшто неслучајно го носи називот заштитено подрачје. Овој настан ќе придонесе кон промоција на природните богатства кои ги поседуваат Осоговските Планини, кон применување одржливи практики во земјоделството и шумарството, како и кон унапредување на можностите и развој на екотуризмот“ – истакна градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов.
Наведувајќи дека иако досега во Република Северна Македонија се идентификувани 12-тина потенцијални НАТУРА 2000 подрачја кои зафаќаат околу 4,5% од територијата на државата, заради богатиот биодиверзитет во нашата земја нивниот број и површина ќе бидат далеку поголеми, извршаната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска истакна:
„Ако се направи споредба со Националната Емералд мрежа (со 35 подрачја кои зафаќаат околу 29%), која е некој вид претходница за земјите кои се спремаат за членство во ЕУ, бројот и површината на идните Натура 2000 подрачја ќе биде далеку поголем“.
На настанот се обрати и помошник директорот на ЈП „Национални шуми“, Маре Басова – тело за управување на заштитениот предел „Осоговски Планини“ која укажа дека според расположливите податоци, на Осоговските Планини се среќаваат околу 185 меѓународно значајни видови, според светската црвена листа на загрозени видови, или според директивите на Европската Унија за птици и живеалишта, Бернската и Бонската конвенција, а 10 видови се „осоговски ендемити“ т.е. видови кои единствено живеат на Осоговските Планини. Дел од овие значајни видови може да послужат за идентификување и воспоставување на Натура 2000 подрачја, што е од огромно значење за ЈП “Национални шуми” како управувач со ЗП Осоговски Планини, а од друга страна ќе биде важно за исполнување на дел од условите за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Во рамки на настанот беше промовирано ВИДЕО, беше отворена изложба на фотографии со тематика од Осоговските Планини и беше организирана посета на локалитетот „Панаѓур“.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање