Во хотел Парк и Спа, Скопје се одржа свеченото отворање на твининг проектот „Подобрување на административните и на оперативните капацитети на органите за заштита на растенија” MK 19 IPA AG 01 21, чија цел е да се подобри ефикасноста на националниот систем за заштита на растенијата преку правилно спроведување на националните политики и законодавство во согласност со европското право што во превод значи подобар квалитет на земјоделско-прехрамбените производи, намалена употреба на хемиски производи и почиста животна средина.
Твининг проектот, кој започна со активности на 1 февруари оваа година и ќе се трае до октомври 2023 година, го спроведува конзорциум на италијанското Министерство за земјоделски, прехранбени и шумарски политики и грчкото Министерство за рурален развој и храна, а корисник е Фитосанитарна управа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија. Проектот ќе се спроведува во соработка и со Управата за семенски и саден материјал, Секторот за шумарство и ловство, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.
Покрај заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, г. Абдулшуќур Абедини, на отворањето присуствуваа и зедоа збор амбасадорот на Италија, Неговата Екселениција Андреа Силвестри, првиот советник за економски и трговски прашања на Амбасадата на Грција во Скопје, Анастасија Зографу, како и претставник на ЕУ во Северна Македонија, Костас Супилас.Заменик министерот Абедини истакна дека процесот на прилагодување подразбира постоење на институции кои гарантираат безбедна храна заштитувајќи го здравјето на потрошувачите и исполнувајќи ги европските стандарди. Но, од друга страна потребни се и земјоделски производители кои ќе произведуваат согласно новите барања во процесот на производство особено во однос на одржување и контролирање на здравјето на растенијата и одржливата употреба на пестицидите.
„Оваа долгогодишна соработка беше потврдена на состанокот одржан во Рим на 28 април оваа година помеѓу италијанскиот Министер за земјоделство, храна и шумарство Стефано Патуанели и Министерот за земјоделство, шуми и водостопанство на Република Северна Македонија Љупчо Николовски, на која беше потпишан Меморандум за соработка во областа на земјоделството меѓу двете земји. Договорот предвидува активности за соработка во следните пет години, во корист на промоција и заштита на производите со ознака на потекло, за поддршка на органското земјоделство, за зајакнување на фитосанитарниот сектор, политиките за наводнување и промоција на виното, како и за гаранција за финансиска поддршка, здруженија на земјоделски стопанства и осигурителен сектор, поддршка на земјоделските пазари“ истакна амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.
„Среќни сме што имаме можност заедно со нашите италијански колеги да учествуваме во оваа важна заложба и да им помогнеме на нашите соседи и пријатели од Северна Македонија во усогласувањето на постоечките фитосанитарни политики со регулативите на ЕУ“ изјавија од Амбасадата на Грција во Скопје. „Овој проект, пред сè, има за цел да го заштити здравјето на потрошувачите, но и да ги подобри извозните капацитети на оваа земја и нејзината конкурентност во земјоделскиот сектор што ќе ја олесни и трговијата во регионот. Уверени сме дека по неговото завршување, тој дополнително ќе придонесе кон тековните напори за обезбедување повисок животен стандард за луѓето и ќе биде исчекор во насока на нивен просперитет, што секако е и крајната цел“.
„Значењето на фитосанитарниот сектор постојано расте – рака под рака со климатските процеси и заканите што тие ги носат и со забрзаното темпо на трговските врски на глобално ниво. Тоа се и двата главни причинители за внесување штетници во ЕУ“, рече претставникот од италијанското Министерство за земјоделски, прехранбени и шумарски политики, Алберто Маши. „Не смееме да заборавиме дека во текот на следните денови Комисијата ќе ја претстави пред земјите-членки Нацрт-регулативата што ќе ја замени Директивата за одржлива употреба (Директива (CE) 2009/128). Оваа регулатива ќе биде пресвртница во транзицијата кон одржлив систем на храна, бидејќи целите што ги предвидуваат Европскиот зелен договор, и особено стратегијата Од поле на трпеза (Farm to Fork), повеќе нема да бидат само стремеж, туку ќе бидат транспонирани во законодавствата на сите земји-членки. “, додаде тој.
„За нас, за нашата институција, која е централен орган одговорен за заштитата на растенијата и за здравјето на растенијата во Грција, ова е прв Твининг проект во кој учествуваме како помлад партнер. Поради тоа ентузијасти сме и многу сме задоволни што имаме шанса да го споделиме нашето искуство, нашите предлози, нашата волја за соработка, нашите експерти, па ако сакате и нашите грешки со службите на Република Северна Македонија во областа на здравјето и заштитата на растенијата“ истакна Анула Мавриду помладиот проектен лидер и претставник од Министерство за рурален развој и храна на Грција.
На настанот се обратија и проктниот лидер од земјата-корисник, Ментор Зеќири, директор на Фитосанитарна управа при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, а проектните активности ги претставија постојаниот твининг советник, Џанлука Говернатори и постојаниот твининг советник од земјата-корисник, Надица Џерковска.
„Имаме напорна задача пред нас, но Италија и Грција го имаат потребното искуство за да ја остварат оваа мисија заедно со подготвеноста на Северна Македонија да направи исчекор за влез во ЕУ“ беше заклучено на свеченото отворање.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство