Денеска раководството на КСС на покана на пратеничката група на ВМРО –ДПМНЕ остварија работна средба во Собранието на Република Македонија. Причината за средбата беше нашето барање коешто го испративме до сите пратеници во Собранието за кое бараме да се исправи неправдата и да се одвојат средства од ребалансот на буџетот за покачување на платите во јавниот сектор, со што ќе биде испочитуван Законот за минимална плата и согласно членот 8 ќе има усогласување на платите.
На средбата, од страна на пратеничката група беше презентиран предлогот за нивниот поднесен амандман за покачување на платите од 2,806 денари по предлогот на ССМ, за кое и ние како синдикат, во интерес на работниците, дадовме согласност и поддршка на истиот.
Но, на истата средба, побаравме од пратениците да бидат опфатени сите работници без разлика дали се од јавниот или приватниот сектор, а од причина што како институција немаат ингеренции во делот на покачувањето на платите во приватниот сектор, КСС предложи амандман да се обезбедат средства во висина од 1,000,000,000 (една милијарда денари) за финансиска поддршка за вработените во приватниот сектор и тоа: за вработените кои имаат нето плата од 18,000 до 21,000 денари, три месеци по 3,000 денари и за вработени кои имаат нето плата од 21 до 24,000 денари, три месеци по 2,000 денари.
Причината за нашето вакво барање е огромната инфлација и неможноста на најсиромшаните работници да ги сервисираат своите животни трошоци во месеците кои следуваат и да се подготват за тешката зима, а од друга страна и да се поттикне потрошувачката со што и бизнисот би имал корист.
Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ со разбирање го прифати нашето барање за поднесување на ваков амандман и истиот ќе биде поднесен се со цел да се обезбедат парични средства од ребалансот на буџетот и да се помогне на најсиромашните работници во државата.
На крај, ги повикуваме сите пратеници во Собранието на Република Македонија и сите пратенички групи да ја подржат оваа наша иницијатива, со што ќе покажат вистинска грижа за сите работници во Македонија, а не само за една одредена целна група.