Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Методија Димовски денеска учествуваше на дводневниот Форум за Западен Балкан и Турција за граѓанско општество 2022, што вчера (8.6.2022) започна во Скопје.
Целта на Регионалниот форум, кој е во организација на проектниот тим на ЕУ ТАКСО 3, поддржан од Европската Унија е да се презентира и дискутира примената на Ревидираните насоки на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во Регионот на проширување (2021-2027) во насока на јакнење на капацитетот на граѓанските организации и нивно активно вклучување во демократските процеси и процесот на интеграција во ЕУ.
Генералниот секретар на Владата Димовски, во своето обраќање на годинашниот Форум, истакна дека Владата на Република Северна Македонија продолжува да гради континуиран, транспарентен и инклузивен дијалог со граѓанското општество, третирајќи го како рамноправен партнер и коректор на своите одлуки, со целосно право да учествува во креирањето политики, да сугерира и да критикува.
„Ја препознаваме додадената вредност што ја носат граѓанските организации и ја вреднуваме нивната секторска експертиза, сосема свесни дека со нивното учество во процесот на креирање политики не само што добиваме дополнителен квалитет на донесените решенија, туку и буден набљудувач и коректор во процесот на спроведување на истите“, рече Димовски.
Тој посочи дека во декември 2021 година, Владата ја усвои Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество со Акционен план (2022-2024), кој се надоврзува на активностите и мерките од претходниот стратешки документ, но исто така истражува нови, иновативни и креативни начини за ангажман на граѓанското општество во усвојувањето на потранспарентни, одговорни и инклузивни политики.
Во однос на државното финансирање на организациите од граѓанскиот сектор, владиниот генерален секретар, во своето обраќање информираше дека се разговара за воведување нови поволни даночни правила за приватни донации, директна, јавна финансиска и нефинансиска поддршка, со цел дополнително да се регулира сегашната законска рамка и да се обезбеди поволна финансиска средина, која ја поддржува одржливоста на граѓанските организации.
На Форумот, покрај претставници на јавните институции, претставници на граѓански и непрофитни организации од земјите на Западниот Балкан и Турција, учествуваа и високи претставници на Европската комисија.
Извор: Влада