spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Заедничко соопштение за Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД

МНР: Заедничко соопштение за Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД

Во продолжение следува текстот на Заедничкото соопштение на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави по повод Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД. 

На 2 јуни 2022 година, Владите на Северна Македонија и Соединетите Американски Држави одржаа Стратешки дијалог во Вашингтон, кој беше посветен на продлабочување на билатералното партнерство меѓу двете земји. Стратешкиот дијалог го предводеа Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, д-р Карен Донфрид. Тие ги потврдија цврстите односи меѓу двете земји и ја изразија својата подготвеност заеднички да придонесат кон постигнување напредок во исполнувањето на заедничките приоритети во врска со безбедноста и благосостојбата, како во билатералните односи, така и на европскиот континент и во целиот свет.

Регионални иницијативи 

Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја нагласија нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и нејзиното право да остварува европска иднина според сопствениот избор. Тие ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната која ја започна без провокација и целосно да се повлече од Украина. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја потврдија својата посветеност на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на Западен Балкан. Соединетите Држави ја подвлекоа важноста на напредокот во процесот на пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, вклучувајќи ги Иницијативата VIII и Б6 кои беа покренати од страна на Северна Македонија, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата „Три мориња“. Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги поддржат активностите на Северна Македонија во рамки на нејзиното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

Одбрана и безбедност

Како најнов Сојузник во НАТО, Северна Македонија ја истакна својата посветеност кон промовирање на мир и стабилност на европскиот континент. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави заемно ја истакнаа стратешката важност на развивањето најсовремени одбранбени капацитети, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО за поддршка на колективната безбедност. Соединетите Држави ги препознаа постигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините Оружени сили со напредни воени средства, како и нејзините напори за унапредување на нејзините капацитети за сајбер-безбедност и сајбер-одбрана. Соединетите Американски Држави изразија пофалби за развојот на полигонот за обука Криволак во Северна Македонија во целите на изведување сложени вежбовни активности од страна на сојузниците и партнерите во НАТО. Соединетите Држави го поздравија потпишувањето од страна на Северна Македонија на Договорот од 1951 година за статусот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, државните претставници и меѓународниот персонал во неа (познат и како „Договор од Отава“). Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја реафирмираа заемната соработка во рамките на Јадранската повелба (А5), како уникатна платформа за регионална соработка, и изразија подготвеност за остварување тесна соработка за време на претстојното претседавање на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година.

Енергија и животна средина 

Двете земји повторно ја изразија својата посветеност кон зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на безбедноста на двете држави на начин со кој би се спречиле најсериозните влијанија од климатските промени, а преку одржување на можноста да остане остварлива границата на пораст на температурата од 1,5 Целзиусови степени на годишно ниво. Северна Македонија и Соединетите Држави ја реафирмираа својата посветеност кон зајакнување на партнерството во производството на транзициски и обновливи извори на енергија. Северна Македонија ги повтори своите заложби дека постепено ќе ја исфрли употребата на јагленот како енергенс до 2030 година и ќе придонесе кон целта на Глобалната заложба за метан за намалување на глобалните антропогени емисии на метан до 2030 година за 30 отсто во однос на нивоата во 2020 година.

Врски меѓу луѓето 

Северна Македонија и Соединетите Држави ја потврдија својата посветеност да ja прошират образовнaта, културната и професионалната размена кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете држави и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели. Соединетите Американски Држави изразија пофалби за Северна Македонија за приклучувањето на земјата како полноправна членка кон Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот во 2022 година. Двете земји ја изразија својата подготвеност за зајакнато унапредување на споделувањето знаења и историски точното сеќавање за Холокаустот.

Билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото 

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права како на регионално, така и на глобално ниво, и се надоврзуваат на заложбите кои ги истакнаа на Самитот за демократија чиј домаќин беше Претседателот Бајден. Годината на акција е можност за двете земји да ги спроведат заложбите на Самитот и да продолжат со напорите за зајакнување на демократијата дома, регионално и глобално. Соединетите Држави го поздравија интересот на Северна Македонија да стане земја партнер во рамките на Глобалната програма за влез во земјата која ја спроведува Царинската управа и служба за заштита на границите на САД.

Трговија и инвестиции 

Двете земји ја потврдија заедничката заложба за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка. Соединетите Држави ја препознаа Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој и кој поседува висок потенцијал за раст. Северна Македонија и Соединетите Држави изразија подготвеност да ги искористат можностите за трговија, да ги унапредат реформите насочени кон подобрување на деловната средина и да продолжат со утврдување и намалување на пречките за остварување трговија и инвестиции.

Извор: Министерство за надворешни работи 

Прочитајте