Во пресрет на претстојниот муслимански празник Курбан Бајрам, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера одржа координативен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи, Град Скопје и Државниот комунален инспекторат.
Целта на состанокот беше координирање на активностите за спречување на нелегалната трговија со добиток без контролиран здравствен статус, со цел заштита на здравјето на граѓаните. Договорено беше од почетокот на идната недела да се засилат инспекциските контроли и да се следи состојбата на терен.
На состанокот детално беа разгледани правата и обврските на одгледувачите на животни за продажба, која е традиција за овој верски муслимански празник, а која како што истакна Ванчо Новоселски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во АХВ, треба да се спроведе исклучиво на регистрирани добиточни пазари и на местата одредени за оваа намена. Таму, почитувајќи ги одредбите од законите кои се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните, за идентификација и регистрација и други, може да се продаваат исклучиво животни со познато потекло и со контролиран здравствен статус.
Учесниците на состанокот упатија апел граѓаните да не купуваат добиток од диви пазари, каде нема гаранција за здравствената состојба на животните, бидејќи на таков начин во прашање се доведува и здравјето на купувачите и нивните семејства. За да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо кое потекнува од здрави животни, при тоа почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници, Агенцијата за храна и ветеринарство апелираше за претстојниот празник Курбан Бајрам, животни да се купуваат директно од регистрираните одгледувалишта на добиток, или од регистрираните добиточни пазари каде смеат да се продаваат само животни кои имаат сертификат за здравствена состојба.
За поголема сигурност, животните задолжително треба да се колат во одобрени кланици од страна на Агенцијата.