spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаПотребна е ревизија на системот за спортски ваучери за да се обезбеди...

Потребна е ревизија на системот за спортски ваучери за да се обезбеди транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари

Финансиската помош што државата ја дава за развој и поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е исклучително важна, но потребна е ревизија на системот за да се обезбеди транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари, беше заклучено на денешната конференција „Отворено за корупцијата во спортот – со фокус на мерката ваучери“, што денеска се одржа во Струмица во организација на заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

На конференцијата беше заклучено дека е потребно да се обезбеди поголем надзор на работата на спортските клубови и федерации, ваучерите да се врзат со резултатите и извештаите, средствата директно да се исплаќаат на клубовите, како и да се обезбеди механизам за родова избалансираност на системот на ваучери. Исто така, да се направи компаративна анализа со поразвиените земји со цел да се види какви се искуствата со децентрализација на моделот на ваучери.

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска ја нагласи потребата за транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари во сите сектори.

„Спортските субјекти, пред се спортските национални федерации, треба да бидат свесни дека сите што користат средства од буџетот имаат обврска да даваат отчет за начинот на трошење. Ако сакаме да го вратиме спортот на вистинските патеки, мораме отворено да зборуваме за аномалиите и предизвиците. Ако отворено и гласно зборуваме може да направиме промена и позитивно поместување во системот, зашто промените зависат од сите нас“, потенцираше вицепремиерката.

Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов нагласи дека при законските измени треба да се разгледа можноста за децентрализација на моделот на ваучери, зашто општините имаат увид во активностите на клубовите и нивните резултати.

Дел од учесниците на конференцијата ја нагласија потребата од координација на Законот за ваучери и на Законот за донации и за спонзорства.

На конференцијата воведни обраќања имаа министерот за правда на Република Северна Македонија Никола Тупанчески, градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, Наумче Мојсовски директор на Агенција за млади и спорт, како и Бил Вуд шеф на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC). На сесијата учествуваа и истакнати спортски работници од струмичкиот регион.

Конференција беше организирана во соработка со Канцеларијата на ОН за борба против дрогата и криминалот (UNODC).

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

МОН: Јаневска – Францускиот јазик е дел од нашата историја, но...

0
Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен...