spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Караван за социјални услуги на локално ниво во осумте плански региони...

МТСП: Караван за социјални услуги на локално ниво во осумте плански региони за проекти за социјално ранливите категории

Со јавна презентација  пред општините од Североисточниот плански регион во Куманово започна караванот за презентирање на вториот јавен повик за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво, што го организира Министерството за труд и социјална политика. Преку караванот општините, невладините и граѓанските организации ќе бидат запознаени со роковите, постапката за аплицирање и условите на јавниот повик. Целта на презентациите што во текот на оваа седмица ќе се одржат во сите осум плански региони во државата е општините и организациите да се мотивираат да аплицираат на повикот и да предложат што поквалитетни проекти за социјални услуги на локално ниво. Општините ќе бидат носители на идните проекти за социјални услуги во своите средини, заедно со локални граѓански и невладини организации како даватели на услугите.

По оваа во Куманово, јавните презентации ќе продолжат на 5 јули 2022 година во Гевгелија за Југоисточниот и во Прилеп за Пелагонискиот плански регион. Во Велес и во Штип за Вардарскиот и за Источниот плански регион презентациите ќе се одржат на 6 јули, а на 7 јули во Гостивар за Полошкиот и во Охрид за Југоисточниот плански регион. Презентацијата за Скопскиот регион ќе се одржи во главниот град на 8 јули 2022 година.

Минатата недела, вториот јавен повик за финансирање на развој на социјални услуги на локално ниво беше презентиран пред претставници на Здружението на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

 

Општините треба да изразат интерес за учество на јавниот повик, почнувајќи од 1 јули 2022 година. По завршувањето на овој процес ќе биде отворен јавниот повик за доделување грантови на општините. Заинтересираните Општини за учество ќе добијат и бесплатна експертска помош за подготовка на проектните предлози.

Вториот повик за развој на социјални услуги на локално ниво е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Преку овој проект со доделување на грантови ќе се придонесе за проширување на понудата на социјалните услуги. Идејата е преку овој проект во рамки на севкупната социјална реформа да се креираат нови социјални услуги, да се подобри нивниот квалитет и да се зголеми опфатот на корисници.

Досега, преку првиот јавен повик за доделување на грантови се реализираа 22 проекти во 27 општини. Од нив 16 се за помош на нега во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатени се повеќе од 546 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки.

Социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика  се темели на четири постулати – плурализација, преку која покрај државата, се овозможува вклучување и на други субјекти во давањето на услугата со што се збогатува понудата; инклузија – преку што се менува традиционалниот пасивен, во активен пристап; деинституционализација, која е еден од главните столбови на Законот за социјална заштита; и децентрализација, со што во процесот на социјални услуги се вклучуваат и општините.

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

Илинден: Промовирана Монографија на Здружение на пензионери „Илинден“

0
Градоначалникот на Општина Илинден присуствуваше на промоција на првата Монографина на Здружението на пензионери „Илинден“, која е издадена под покровителство на Општина Илинден. Во ова...