Во рамките на одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, за прв пат оваа година организира Школа за млади лидери “Peace Forum Dialogue”.
Школата за млади лидери “Peace Forum Dialogue” им дава можност на младите учесници да добијат основни и релевантни информации околу функционирањето на политичкиот систем во РСМ, спроведувањето на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, градењето на соживотот помеѓу различните етнички заедници и нивната интеграција во јавниот живот, развојот на капацитети за критичко размислување на младите генерации во врска со социјалните, економските, политичките и културните концепти.
Целта на Школата е стекнување на нови знаења и усовршување на лидерските вештини на младите за да можат истите да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Школата ќе се организира од 10.08.2022 до 12.08.2022год. во Охрид.
Обуката ќе се одржи на македонски и албански јазик. Трошоците за сместување и транспорт на селектираните учесници ќе бидат покриени од страна на организаторот. На конкурсот можат да се пријават младите лица на возраст од 20 до 30 години.
Заинтерeсираните учесници треба да се пријават, со приложување на мотивационо писмо и биографија на следната е-маил адреса: peaceforumdialogue@mpsoz.gov.mk
Рокот за пријавување трае 5 дена од денот на објавување на конкурсот. Сите учесници на крајот на обуката ќе добијат сертификат.
Извор: Влада