„И оваа година нашето професионално семејство, Министерството за внатрешни работи, станува побогато за 590 наши колеги, идни чувари на безбедноста на граѓаните. Да го одбележиме овој свечен чин како што доликува на една од најдобрите генерации во последните десетина години. Затоа сакам посебно да ви честитам – како за солидните резултати, така и за изборот на полициската професија, изборот на тежок, но благороден животен пат.“ – истакна министерот Оливер Спасовски на пригодната церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници – генерација 2021-2022 година, која се одржа денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Упатувајќи честитки до родителите и кандидатите министерот Спасовски истакна: „ Поминавте една година на патеката што ви овозможи да направите, би рекол, еден мал увид во тоа што значи да се биде полициски службеник. Имавте можност да си ги тестирате границите, да ги надминете своите и очекувањата на другите. Да увидите дека полициската професија се соочува со секојдневни предизвици на кои треба веднаш да се одговори, но и носи огромно задоволство со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секоја успешна реализација како гаранти на безбедноста.“
Министерот Спасовски потсетувајќи се на неодамнешните насилни протести го потенцираше значењето на полициската професија за безбедноста на институциите, граѓаните и државата: „ Полициските службеници кои беа на браникот на државните институции, меѓу кои, за жал, имаше и повредени, најпластично ја демонстрираа непоколебливоста, подготвеноста, храброста и жртвата за заштита на државата и за гарантирање на безбедноста на граѓаните.“
Спасовски потенцираше дека успешното функционирање на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава: „ Токму затоа наш врвен приоритет беше создавањето модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе одговори на работните задачи. За остварување на тој наш приоритет многу работи направивме, а резултатите, меѓу другото се видливи во сите 75 реконструирани објекти на МВР ширум државата, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица.
Тој на крај на идните полициски службеници им порача дека од нив очекува завет за целосна посветеност и пожртвуваност во работата, за професионалност, чесност, хуманост, одговорност – вредности по кои се препознаваат врвните чувари на безбедноста кои избрале да бидат во служба на своите граѓани.
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во своето обраќање упатувајќи срдечни честитки на најновата генерација полициски службеници што ја завршија едногодишната обука во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи, порача: „Несомнено станува збор за особено значаен настан не само за македонската полиција, но и воопшто за Република Северна Македонија. Припадниците на Министерството за внатрешни работи се гарант за јавниот рeд и мир, за нашата безбедност и сигурност. Во изминатите три децении изградивме високо професионална полиција во чии редови се најдобрите и најподготвените, кои професионално, достоинствено и со личен интегритет ги извршуваат своите задачи, секогаш ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби.“
Претседателот Пендаровски изрази уверување во кандидатите дека се посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија, ќе и служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани: „ Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот. Ако сте подготвени, солидарни и максимално пожртвувани не се сомневам дека ќе дадете се од себе во исполнувањето на обврските кон службата и кон татковината.“
Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник министерот на Центарот за обука, Сузе Трајковска објаснувајќи го современиот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко, Трајковска подвлече: Обуката се состои од теоретска настава и ситуациони вежби, кои се спроведуваат овде во Центарот за обука, но и практичен дел на стекнување на вештини, кои се изведуваат во полициските станици, при секторите за внатрершни работи. Преку ваквиот сериозен пристап, Центарот за обука ја остварува својата примарна функција, која се однесува на продуцирање, на професионални и компетентни полициски службеници, кои во иднина ќе ги остварат, своите професионални задачи и обврски, постапувајќи согласно Уставот, законските и подзаконските акти, а со тоа ќе придонесат кон подобрување на безбедноста на граѓаните во општеството.“
Трајковска информираше дека оваа генерација од основната обука за полицаец, започна на 5 август 2021 година, со вкупно 625 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 590 кандидати, 487 од машки пол и 103 од женски со среден успех на генерацијата од 523 бодови од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за 18 најдобри кандидати од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2021/2022 беше прогласен Стефан Митаноски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на државата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2021-2022 дадоа свечена изјава пред присутните.