Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски најави дека средствата од скратените непродуктивни трошоци ќе се пренаменат во финансиски пакет за помош на најранливите категории на граѓани.
Во утринската програма на ТВ Алфа, градоначалникот Муцунски најави дека парите кои општината повеќе не ги троши на репрезентација, на патни и други непродуктивни трошоци, овојпат ќе бидат наменети за помош на граѓаните на кои им е најпотребно.
„Наскоро следува ребаланс на буџетот на Општина Аеродром. Имајќи ја предвид нашата свест за финансиска и економска криза, по носењето на ребалансот ќе презентираме економски пакет насочен кон најранливите категории граѓани, односно оние кои се најпогодени од оваа криза. Практично, ќе ги земеме сите средства кои ги штедиме од непродуктивните трошоци и преку структуиран финансиски пакет изработен во соработка со експерти, ќе ги вратиме директно кај граѓаните на кои им е најпотребно“, истакна Муцунски.
Градоначалникот додаде дека во Општината во последните 10 месеци е воведен целосно нов начин на работа, а на овој начин се овозможува насочување на средствата кон инфраструктурни и капитални проекти.
„Решението за кризата е да ги сведеме непродуктивните трошоци на нула, да инвестираме во инфраструктурни проекти како што е нови училишта, градинки и паркови, но истовремено да помогнеме на оние кои им е најпотребно. Се не е идеално и можеме многу подобро, но ги уверувам аеродромци дека имаме тим кој работи посветено, ги идентификува сите проблеми и во овој четиригодишен мандат ќе покажеме успех“, заклучи Муцунски.
Извор: Општина Аеродром