Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамки на неговата официјална посета на Република Чешка, оствари средба со неговиот колега, министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулас Бек, на која разговараа за следните планови и чекори на чешкото претседателство со ЕУ.
– Неслучајно на Денот на независноста сум во работна посета на Чешка, која почетокот на своето претседавање со ЕУ го обележа со отворањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија, рече вицепремиерот Маричиќ на состанокот изразувајќи го своето задоволство за остварувањето на тој историски момент за Северна Македонија.
Маричиќ и Бек се согласија дека во вакво турбулентно време најважно е да се негуваат добри односи и да се има вистински пријатели, со кои заеднички ќе се надминат предизвиците со кои се соочува Европа.
– Чешка е наш партнер и остануваат отворени да помогнат на земјите од Западен Балкан да се приближат до Унијата и регионот да биде дел од дијалогот за решавање и надминување на кризите, вели Маричиќ.
Чешкиот министер за европски прашања, Бек, посочи дека Република Чешка е искрен пријател и силен поддржувач на Северна Македонија во евроинтегративниот процес и дека така ќе биде и во текот на нивното претседавање со Унијата.
-Во вистински момент направивте вистински чекор. Ви честитам за отворањето на преговорите со Европската Унијата и среќен сум што тоа се случи за време на нашето претседавање со ЕУ. истакна чешкиот министер Бек.
Вицепремиерот Маричиќ, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, се сретнаа и имаа одлична дискусија со претседавачот на собранискиот Комитет за европски прашања, Ондреј Бенешик, претседателот на Интер-парламентарната група за пријателство на Северна Македонија со Чешка, Петр Беитл и пратеничката Зденка Немечкова Црквењаш.
На состанокот разговараа за почетокот на преговорите на Северна Македонија со Унијата и последните подготовки кои ги правиме за скрининг процесот, со фокус на одличната соработката која Северна Македонија ја има со Чешка и можностите за нејзино интензивирање во делот на евроинтеграциите.
– Имаме соработка на високо ниво, a својата поддршка Чешка ја покажала во клучните временски периоди, во време на мигрантската и здравствената криза, истакна Маричиќ на состанокот.