Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок го изрази своето задоволство за официјалното започнување со практичниот дел од пристапните преговори, по одржаната Меѓувладина конференција со Европската Унија во јули оваа година.
– Преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро. После 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата.
Вицепремиерот Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Северна Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ.
– Македонскиот тим, тука во Брисел, а и колегите кои не следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од Кластерот Темели, посочи Маричиќ.
Главниот преговарач Маричиќ во своето обраќање на македонски јазик, се осврна и на досега постигнатото од страна на Северна Македонија во конкретното поглавје, Јавни набавки, посочувајќи дека правната рамка за јавните набавки е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, односно дека Законот за јавни набавки е усогласен со Директивите за класични и комунални набавки (ЕУ/2014/24 и ЕУ/2014/25), како и со Директивата за правни лекови (2007/66/ЕЗ).
– На почетокот на 2022 година, Владата ја усвои Стратегијата за подобрување на системот за јавни набавки за периодот 2022-2026 година, со Акционен план за 2022 година за нејзино спроведување. Директивата за одбрана и безбедност 2009/81/ЕЗ е транспонирана во Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, рече Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека активностите за воспоставување ефективни јавно-приватни партнерства се во тек и дека новиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство е подготвен и истиот има за цел транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување договори за концесија, додавајќи дека Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување и ќе биде доставен во владина процедура.
Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек.
– Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите, објасни Маричиќ додавајќи дека законодавството во областа на правните лекови е во голема мера усогласено со правото на ЕУ.
– Не сме чекале почеток на преговорите без да работиме на конкретното поглавје. Но, знаеме дека пред нас е уште многу работа и посветеност на реформите, за што како Влада на Северна Македонија покажавме дека имаме политичка желба, волја и капацитет, заклучи на крајот од своето излагање Маричиќ.
Денеска во Брисел започна скрининг процесот за Северна Македонија и Албанија. Од 15-27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург.
До 27 септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој Кластер, а во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.
Извор: Влада