spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниИлинден: „Управување со стаклена амбалажа“

Илинден: „Управување со стаклена амбалажа“

Во рамките на учеството во регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”, којшто се реализира од страна на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и компанијата Пакомак, во општина Илинден се собрани 6 тони стакло. Проектот се спроведува во три држави: Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, а општина Илинден е една од првите шест општини и градови во регионот во кој се спроведуваат активности за унапредување на системот на собирање на стаклена амбалажа и адекватен третман на овој отпад.

 

Со самото учество во проектот Општината доби 18 нови контејнери за селектирање на стаклена амбалажа, така што во моментов располага со вкупно 38 контејнери за селектирање на стакло, распоредени на повеќе локации низ општината. Според експертските анализи, засега е утврдено како оптимална бројка за собирање на овој вид отпад, но ќе бидат набавени и дополнителни количини.

 

Целта на Проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”, е воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот. Во таа насока се реализираат низа активности, меѓу кои поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во пилот-општините, спроведување на кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото, зголемување за 20% на собраните количини на стакло, споредено со 2020 година, потоа спроведување на обука за јавните комунални претпријатија и развивање на три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА ) што во следниот период ќе послужат како урнек за успешно управување со отпад од стакло.

 

 

 

Според експертите, стаклениот отпад се разложува многу бавно и доколку не е соодветно одложен, може да стои на депониите со години. Затоа, на рециклирањето се гледа како на многу ефикасно решение, бидејќи со рециклирање на само едно стаклено шише се заштедува доволно енергија за еден компјутер да работи 25 минути или пак, една 100-ватна сијалица да свети цели 4 часа. Притоа, рециклажата на стакло заштедува 40% од енергијата која е потребна да се создаде нов стаклен сад.

 

Во рамките на Проектот за интегрирано управување со комуналниот цврст отпад, како и обезбедување на поздрава животна средина ЈКП „Илинден“ континуирано работи на примарно селектирање на комуналниот отпад. Основна цел на селекцијата (селективното собирање) на отпадот е намалување на количеството на создадениот отпад, искористување на употребливите состојки од отпадот, спречување на негативните влијанија на отпадот и висок степен на заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето, одржлив развој преку зачувување и заштеда на природните ресурси.

 

На територија на општина Илинден на 15 локации поставени се по 3 посебни контејнери, сини за собирање на хартија и картон, жолти за пластика и лименки и зелени за амбалажно стакло, а до секој од нив се поставени и информативни табли за граѓаните. Контејнери за електричен и електронски отпад се поставени на две локации, во кругот на ЈКП „Илинден“ и на паркингот на камиони во Миладиновци.

 

 

 

Од почетокот на годината досега селектирани се хартија, картон, најлон, ПЕТ амбалажа, тврда пластика, лименки, отпаден метал, стакло, отпад на електрична и електронска опрема (ОЕЕО), во тежина од вкупно 21 тон.

 

Одржувањето на јавната чистота е важен сегмент во работењето на локалната самоуправа, а ЈКП „Илинден“ успешно се справува со одржување на истата и покрај забрзаниот раст на бројот на жители во Општината.

Извор: Општина Илинден 

Прочитајте