Во Струмица е отворена новоизградената градинка со капацитет од 307 деца од предучилишна возраст. Градинката „Виножито” е најголемата установа за ран детски развој изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјални услуги со финансиска поддршка на Светска банка и воедно најголемата во Струмица. Покрај тоа што со градинката се решава долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во градот и неговата околина, новиот објект обезбедува современи просторни услови за престој на децата прилагодени на нивната возраст и на образовниот метод за учење преку игра.
На двата ката на објектот се поместени 17 занимални за дечиња од различна предучилишна возраст, медицинска соба и соба за изолација и придружни простории за оперативното функционирање на градинката. При градбата се имплементирани највисоки стандарди за енергетска ефикасност. Објектот има инсталации за греење со гас и со топлински пумпи и постројка на гас за потребите на кујната, а дополнително е инсталиран соларен систем за затоплување на водата. Со сите овие современи инсталации значајно се намалуваат редовните трошоците за работа на градинката и се влијае врз намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид во воздухот.
По повод отворањето на новата градинка во Струмица премиерот Димитар Ковачевски ја истакна важноста на предучилишното образование и посветеноста на Владата во инвестирање на нови детски градинки.
„Наша цел е да им обезбедиме на децата подобро образование, но и да ја подигнеме стапката на што поголема вклученост на најмалите во предучилишно образование. Фактите покажуваат дека, како Влада убедливо имаме направено најмногу инвестиции во градинките во историјата на државата. За прв пат 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи се направени во уште 17 населени места. Бидејќи, секое дете има право на градинка, тоа не е место каде децата се само згрижени, таму се дружат со своите врсници, уште во најраниот период да развиваат вештини и знаења, се подготвуваат да се вклучат во образовниот систем. Ние како Влада, тоа право му го гарантираме на секое дете дека може да најде место каде што би ја почнал својата претшколска образовна активност,“истакна премиерот Ковачевски.
Активностите на Компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика се фокусираат на зголемување на пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, како и на подобрување на воспитно-образовниот процес во предучилишните установи преку осовременување на наставните програми и едукативните програми и низ обуки на кадарот кој секојдневно се грижи за децата.
„Вложувањето во најмладите, во нивниот правилен и здрав развој, е основен предуслов за напредок на општеството и за подобра иднина на земјата. Само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги го зголемуваме капацитетот за квалитетно згрижување на децата во предучилишни установи за приближно 2000 нови места, а вкупно Владата од 2017 година до денес има инвестирано во 72 градинки со што се создадени нови 4800 места за децата во државата. Ваквите реални проекти, завршени на терен, како овој во Струмица и во многу други општини се најјасен доказ за нашите заложби како Влада и Министерство за поквалитетен живот на граѓаните и за поголема достапност на социјалните услуги“, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
На настанот учествуваше и претставничката на Светска банка, вишиот специјалист за образование Бојана Нацева потенцираше дека новата градинка во Струмица е уште една потврда за оправданоста на финансиската поддршка на Светска банка за Проектот.
„Човечкиот капитал е најважниот ресурс, а инвестирањето во еднаков пристап кон социјалните услуги за сите, особено за децата од семејства во социјален ризик, децата со посебни потреби од други ранливи групи е од исклучително значење, затоа што на сите граѓани им отвора еднакви можности за развој во едно хумано општество“, рече Нацева.Објектот на новата градинка со вкупна корисна површина од над 2600 квадратни метри се наоѓа на просторот на поранешната касарна во Струмица. Дополнително, Општина Струмица инвестираше во урбаното обликување со пристапна улица, тротоарски решенија и простор за преземање на децата.
„Ова е значаен ден, затоа што, заедно со Министерството за труд и социјална политика и со другите институции завршивме еден голем, капитален проект и затворивме едно горливо прашање за родителите и за децата во Струмица. Заедно со проширувањето на неколку градинки во општината, со новата градинка го решаваме прашањето за сместување на децата од предучилишна возраст. Градот добива модерен објект за децата со сите современи обележја и според најновите стандарди во нивното згрижување и со тоа го подобруваме животот на граѓаните во општината, особено на младите семејства“, истакна градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов.
Во рамки на Компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги, Министерството за труд и социјална политика им доделува грантови на општините кои аплицирале со проекти за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на објекти во детски градинки и центри за ран детски развој. Досега преку Проектот е финансирана изградба, реконструкција и надградба на 16 градинки во државава, од кои 6 се веќе започнати со работа, со што се обезбедува нов капацитет за згрижување на деца од предучилишна возраст капаците за приближно 2000 места.