Инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Министерството за труд и социјална политика изминатите години интезивно работеше на реформата во делот на заштита на децата, работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во наредните години”, рече заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин на состанокот на кој се дискутираше за тоа како да се подобри ефикасноста и ефективноста на основното образование, а истовремено да се обезбеди еднаквост во пристапот до училиштата.
Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување и образование, Владата на РСМ се обврза да го зголеми за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст од (3-6) години во установите за згрижување и воспитание и достигнување опфат до квалитетно предучилишно образование од 95 проценти колку што е и таргетот на Европската унија.
“За да се зголеми стапката на опфат во предучилишно воспитание неопходно е проширување на мрежата на јавни предучилишни установи во руралните и урбаните средини, проширување на постојните капацитети, како и изградба на нови капацитети, посебно во општините во кои нема пристап до формите на згрижување и воспитание на деца, како и оптимизација на училишната мрежа”, посочи заменикот Хусејин.
Во продолжение, заменик министерот за труд и социјална политика рече дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините работи на проширување на капацитетите за заштита и воспитание на децата.
Исто така, тој истакна дека капиталните инвестиции во детската заштита и натаму остануваат приоритет со цел обезбедување на подобри услови во претшколското образование и простор за нови 7.000 деца.
Во оваа прилика, заменик министерот Хусејин информираше дека паралелно со инвестициите во инфрастуктурата, се инвестира и во подобрување на квалитетот на предучилишното образование и на јакнење на кадарот којшто се грижи за децата преку подобрување на неговите знаења, бидејќи, како што рече, научно е докажано дека за правилен развој на детето е многу важно раното учење.
На состанокот, кој беше во организација на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и УНИЦЕФ, покрај заменик министерот за труд и социјална политика, присуствуваа и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан, повеќе градоначалници од сите региони во земјава, пратеници од Собранието на Северна Македонија, експерти од Министерството за финансии, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, како и претставници од Светска банка.