spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиДКСК: Корупцијата е во сите пори, борбата е возможна само со силни...

ДКСК: Корупцијата е во сите пори, борбата е возможна само со силни институции со интегритет

Борбата против корупцијата бара ангажираност на сите нивоа во општеството. Затоа, од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати.

Ова го нагласи претседателката на Државната комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска, на свеченоста по повод 20-годишнината на ДКСК, што се одржа на 15 ноември 2022 година во Музејот на македонската борба., на која присуствуваа Претседателот на државата, претставници на законодавната, извршната и судската власт, претставници на дипломатскиот кор, граѓанските организации и медиумите.

Во своето обраќање претседателката Ивановска истакна дека никој не смее да ги занемари укажувањата на нашите пријатели од Европа и САД кога велат дека корупцијата во земјава е присутна во сите пори и мора да најде начин да ги разбиеме заедничките политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата.

„Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига. Овие зборови се силен аларм за сите чинители во општеството, а секоја победа е значајно камче во мозаикот на здравото општество. Очекувам пораките од меѓународниот фактор да бидат прифатени и да се зголеми ефикасноста на другите институции кои понатаму треба да постапат по препораките и иницијативите на ДКСК кон целосно затворање на предметите“, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК потенцираше дека ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции со интегритет кои ќе овозможат владеење на правото.

Ивановска се осврна и на развојот на Комисијата од нејзините почетоци до денес притоа истакнувајќи ги предизвиците со кои се соочува од аспект на недоволните човечки и материјални капацитети потребни за спроведување на нејзините законски надлежности. Таа истакна дека иако во последниот период значително е подобрена состојбата сепак бројката на вработени не е ни половина од потребната, ако се има предвид функционалната анализа изготвена согласно новите надлежности во Законот.

Претседателот на Република Северна Македонија г.Стево Пендаровски на свеченоста нагласи дека борбата против корупцијата е круцијална за изградба на општество во кое доминира политичка култура фундирана врз јавниот интерес, а за сето тоа треба да се грижи јавна администрација регрутирана според највисоки критериуми.

„Со атак на овие темелни вредности корупцијата де факто станува најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа и најголема пречка на демократскиот развој на државата. Корупцијата генерира неправда затоа што ја етаблира културата на неказнивост. Ниската доверба во нашите правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси или дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат „вистинските луѓе на вистинските позиции“, истакна Пендаровски.

Претседателот наведе дека во текот на изминатите неколку години охрабрува проактивноста на ДКСК, особено по донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси и на Националната стратегија.Тој нагласи дека реалната борба против корупцијата не е задача само на една институција и таа не треба да трае само во еден мандат.

Претседателот на Собранието г.Талат Џафери посочи дека Декларацијата против корупцијата не е само букви на бел лист хартија, туку дека тоа е основ од кој што треба да поаѓаме сите.

„Тоа е патоказ кој што треба да го следиме сите за доброто на сите. Ние не сме тука за лични интереси. Институциите не се наши лични институции, тоа се институции кон кои е насочена довербата на нашите граѓани, нивната надеж во подобро утре и ние како вршители мораме да ја оправдаме таа одговорна должнос“, истакна Џафери.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење г-ѓа Славица Грковска, констатираше дека е постигнат извонреден напредок во капацитетот, во професионалноста и во независноста на Комисијата, но дека „корупцијата и понатаму е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува нашата држава. Според неа, „денеска е вистинскиот момент да се запрашаме што треба да промениме во пристапот, каде грешиме, во кој дел можеме да бидеме поефикасни, кои се нашите приоритети. Таа напомена дека ДКСК ја има поддршката од Владата, но што е уште поважно ја има поддршката од граѓаните, кои веќе немаат толеранција за ниту едно коруптивно постапување и бараат брза и ефикасна реакција.

Свое обраќање имаше и првата претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата г-ѓа Слаѓана Тасева, која направи ретроспектива на почетоците на Државната комисија и предизвиците со кои се соочил првиот состав на ДКСК, го честита јубилејот на сегашните и поранешните членови на Државната комисија, посакувајќи натамошен развој на ДКСК како и поуспешна и поефикасна борба против корупцијата во земјата.

Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. г.Дејвид Гир го потенцираше напредокот на Државната комисија кој е нотиран во последниот извештај за напредокот на земјата. Но посочи дека големите предизвици од корупцијата остануваат:
„ Системската  корупција го спречува развојот , влијание на квалитетот на животот, ги поткопува демократијата и владеењето на правото. Придонесува младите да ја замислат иднината на својот живот на некое друго место.  Дијагнозата е лесна но лекувањето е исклучително предизвикувачко. Бара време, одлучност и огромен напор од сите државни институции“ рече амбасадорот Гир кој истакна дека тие ќе бидат партнери на ДКСК во секој чекор од борбата против корупцијата.

Амбасадорката на САД, Н.Е. г-ѓа Анџела Агелер во своето обраќање ја пофали ДКСК за нејзиниот развој во независен глас во борбата против корупцијата. Притоа, таа повика на поголема акција и посветеност на сите чинители во насока на поефикасна борба против корупцијата.

„Корупцијата ја кочи оваа земја од многуте успеси што може да ги постигне, да се ​​обврземе да ја гониме корупцијата каде и да постои и да бараме одговорност од корумпираните актери“, истакна амбасадорката Агелер.

Постојаниот претставник на УНДП г.Армен Грегоријан истакна дека корупцијата негативно влијае на социјалните, економските и еколошките услови во земјата. УНДП од искуството во поддршката на антикорупциските напори низ годините, покажува дека истовремен практичен и холистички пристап се единствен начин на борба против корупцијата.

„Ѝ честитам на ДКСК на работата и посветеноста во спречувањето на една од најуништувачките пречки во општествениот развој и на националните и локалните претставници кои ѝ велат не на корупцијата. УНДП останува посветена во поддршката на институциите во трансформациските процеси“ порача Грегоријан.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис како претставник на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата ја потенцираше соработката на Државната комисија со граѓанските организации во повеќе аспекти. И тој подвлече дека борбата бара поактивно вклучување на сите други државни чинители истакнувајќи дека е важно што денеска ќе им се остави на следните генерации.

 

 

 

Извор: Државна комисија за спречување на корупцијата 

Прочитајте