spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски и Бесими го претставија новиот концепт на даночна реформа – Главна...

Ковачевски и Бесими го претставија новиот концепт на даночна реформа – Главна карактеристика е праведноста во оданочувањето

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на прес-конференција го претставија новиот Концепт на даночна реформа, кој треба да воспостави нов даночен систем на кој, како што истакнаа клучна карактеристика е праведноста.

„Воспоставувањето праведен и ефикасен даночен систем,  со современи дигитални технологии и иновации во процесот на оданочување ни беше приоритет и во таа насока и делувавме. Токму на ова и се темели и реформата која нашата Влада ја предлага, а која не предвидува нови даноци, не предвидува зголемување на даноците, односно данокот на личен доход останува 10 % и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18 % и не се зголемува и каматите на депозитите на штедните влогови нема да се оданочуваат“, истакна премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција.

Тој напомена дека прв приоритет на даночната реформа, која се темели на Стратегијата за реформи на даночната политика, е поголема праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плати својот праведен удел од данокот. Втор приоритет е поголема ефикасност и ефективност, третиот е зголемена даночна транспарентот, четвртиот подобар квалитет на услугите и петтиот е еколошко оданочување

„Нашата визија е да креираме праведен, ефикасен, модерен даночен систем, кој ќе има улога во одржување на здрави макроекономски фундаменти, ќе го поддржи економскиот развој, ќе даде поддршка во општествено корисните процеси, па дури и ќе има корективна улога, како во случајот со зелените даноци“, рече премиерот Ковачевски.

Со цел да се дојде до оптимално решение кое ќе ја следи оваа визија, кон целиот овој процес Владата пристапи многу детално, аналитички, со бројни емпириски истражувања како и пресметки, а Министерството за финансии воспостави инклузивен пристап и отвори дискусија и дебата со експертската јавност, академиците, бизнис-заедницата, синдикатите, невладиниот сектор, чинителите на политичката сцена во земјава, како и политичките партии.

Министерот за финансии потенцира дека низ спроведениот инклузивен процес се дефинираше модифициран но квалитетен документ на првичниот нацрт концепт.

„Овој Концепт е дел од Стратегијата за реформа на даночната политика и е важен за финансирање на економските активности и целокупниот буџет и одржлив раст. Ова е продолжение на реформите што се прават во јавните финансии, дел од вкупните реформи и политики на оваа Влада. Станува збор за даночен систем кој ќе биде предвидлив, транспарентен, едноставен и стабилен и ќе создаде здрава основа на сите политики во земјата“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека оваа реформа е важна од аспект на испраќање важен сигнал до инвеститорите дека имаме здрави политики и начини на финансирање кои се одржливи, дека спроведуваме процес на фискална консолидација во време на криза и дека кризата не значи дека треба да се пролонгира.

Министерот за финансии на прес-конференција претставувајќи ги мерките кои се содржани во Концептот напомена дека тие се однесуваат на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и неколку други законски решенија. Новина рече дека од 1 јануари 2023 година нема да се применува прогресивното оданочување, односно се укинува концептот на прогресивно оданочување и ќе продолжи да се применува оданочувањето со единствена стапка од 10 % и нема да се оданочуваат каматите на орочените депозити.

Една од мерките што ќе продолжи да се применува, а беше на барање на бизнис заедницата, е ослободувањето на реинвестираната добивка. „За да се спроведува оваа мерка и да ги исполнува целите ќе се воспостави механизам за да се оневозможат злоупотреби на ослободувањето од данокот на добивка по основ на реинвестирање на добивката“, рече Бесими.

Во однос на хонорарците, како што рече министерот, низ дебата се дефинираа насоките за создавање модел на кој ќе се работи во наредниот период и ќе овозможи на доброволна основа да плаќаат придонеси, со што им се обезбедува здравствено и пензиско осигурување.

Со концептот се останува на определбата за поддршка на спортот и лицата со посебни потреби. Односно со концептот се воведува нов начин на донации за спортот, а вработените лица со посебни потреби и понатаму остануваат ослободени од данок на личен доход.

Во Законот за ДДВ останува основната стапка од 18% која е најниска во регионот, и двете повластени од 5 % и 10 %, кои, исто така, се најниски. Она што ќе се ревидира е листата на производи кои се луксузни и кои ќе се оданочуваат со втората повластена стапка.

Дел од концептот, како што посочи министерот, е иницијатива која произлезе од дебата и се однесува на воведување привремен данок на екстра профит. За тоа ќе се користат моделите од земјите кои го применија и дека во наредниот период ќе се прават анализи, а решението исто така ќе се бара преку дијалог со бизнис заедницата.

Решенијата содржани во Концептот на даночна реформа имаат етапна примена со почеток од 1 јануари 2023 година.

Премиерот Ковачевски и министерот Бесими на прес-конференција оценија дека реформата на даночниот систем е една од најтешките и најнепопуларните работи, и дека идеално решение нема и дека се избира најсоодветното. Се очекува мерките да овозможат консолидирање во време на криза, стабилни приходи и подобар живот за граѓаните. Посочија дека преку правично оданочување ќе се менаџира со буџетската каса, а парите ќе се насочуваат онаму каде што се најпотребни.

 

 

 

 

Извор:  Влада

Прочитајте

МЗШВ: Трипуновски – За 6 месеци се исплатија над 4,3 милијарди...

0
Почитувани, Грижата кон македонските земјоделци ја покажуваме на дело. Само за потсетување во изминатиот период Владата на Република Македонија со ребалансот обезбеди над 1.250.000.000 денари со...