Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на настан организиран од страна на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, посветен на годишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година под слоганот: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“.
Министерката Тренчевска учествуваше на третата панел-дискусија, на тема „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“ и зборуваше за тоа како министерството за труд и социјална политика го поддржува процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, достигнувањата и обврските кои произлегуваат од процесот.
„Нашата држава ги почитува обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и принципот на еднаков третман се обезбедува за граѓаните на ЕУ, откако ќе добијат пристап до пазарот на трудот. Агенцијата за вработување има склучено Меморандуми за соработка со неколкуте агенции за вработување од Хрватска, Црна Гора, Унгарија и Турција и го започна процесот со неколку други. Тие ќе послужат како основа за олеснување на соработката и размената на искуства во областа на слободното движење на работниците и ЕУРЕС. Имено, емиграцијата на нашите граѓани во ЕУ, вклучително и сезонската емиграција е секако неминовен процес, но пристапот на нашите граѓани до европските пазари треба да биде под еднакви услови како и за граѓаните на ЕУ, вклучително и пристап до социјална сигурност,“ истакна Тренчевска.
Во однос на поглавјето 19 Вработување и социјална политика, министерката порача дека во време исполнето со многу неизвесности и транзиции во општеството и животот на луѓето, важно е во фокус да останат социјалните права на граѓаните и стремежот кон праведна и одржлива економија, која ја искоренува сиромаштијата.
„Кога зборуваме за социјални права на ниво на ЕУ, тогаш мислиме на еднаков и фер пристап до основните социјални услуги, подобрување на системот на социјална заштита, постигнување на висока стапка на вработеност, со акцент на ранливите групи, пристојни работни услови за жените и мажите преку прочитување на родовата рамноправност, како и унапредување на безбедноста и здравјето при работа. Исто така, ги следиме европските текови во однос на промовирањето на современи работни односи и социјален дијалог со социјалните партнери, во насока на заштита на правата на работниците, но и во насока на зголемување на конкурентноста на економијата, вклучително и социјалната економија,“ рече Тренчевска.
Таа се осврна на новиот Закон за работните односи, кој е во финална фаза и со кој се унапредува правната рамка за заштита на правата на работниците. Подготовката на Законот се одвива во рамки на еден широк процес на учество и консултации на сите релевантни субјекти и тој ќе биде усогласен со европското право и меѓународните трудови стандарди.
Покрај огромните можности што се создаваат со отворање на пристапот на европскиот пазар на трудот, министерката посочи дека посебен предизвик е стареењето на населението, емиграцијата на работоспособното население и потребата за привлекување на работна сила и задржување на младите.
„Во таа смисла, Гаранција за млади е главната политика и заложба за справување со невработеноста и неактивноста кај младите. Следејќи го примерот на европските земји, Република Северна Македонија е првата земја во регионот што се заложи дека младите лицa до 29 години кои не се вработени, не се во процес на образование, ниту пак посетуваат обуки да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување, во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во Агенција за вработување, “ истакна Тренчевска.
Таа информираше дека во Гаранцијата за млади од почетокот на нејзиното спроведување до сега, беа вклучени околу 90 илјади млади невработени лица, од кои околу 40% се вработиле или биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување кои имаат за цел да ја зголемуваат вработливоста на младите лица.
Што се однесува до можностите за забрзаната интеграција, во областите што се однесуваат на Министерството за труд и социјална политика министерката посочи неколку можности.
„Би ја споменала тука пред се можноста за учество на програмата ЕаСИ. Ние имаме искуство со учество во оваа програма во претходниот програмски период, секако со одредени ограничувања. Што се однесува до учеството во европските агенции и мрежи, веќе сме дел од Европската агенција за здравје и безбедност при работа, додека во европската мрежа на јавни служби за вработување ни беше спомната можност за учество, главно на семинари, вебинари итн. Би се надоврзала и дека ние како Министерство го поддржуваме учеството на Република Северна Македонија во сите глобални мрежи на кои се дискутираат прашањата за миграцијата и азилот, а особено во Европската миграциска мрежа,“ посочи Тренчевска.
Извор: Влада