Министерот за надворешни работи, Бујар Османи одржа годишен брифинг со Невладините организации, ставајќи акцент на улогата на граѓанскиот сектор во креирањето на надворешната политика.
Османи, пред се, даде краток осврт на сработеното во 2022-ра година, како и ги истакна успесите и ги посочи предизвиците кои се резултат на многубројните активности кои беа на агендата во текот на годината.
Османи рече дека 2022-ра покажа дека надворешната политика на Северна Македонија останува на вистинската страна на историјата, но, воедно, потенцира дека поминаа времињата кога надворешната политика ја креираа само политичарите, а ја спроведуваа само дипломатите.
“Степенот на демократскиот развој на едно општество, според мене, се мери според два критериуми: по грижата кон најранливите категории и по инволвираноста и влијанието што граѓанскиот сектор го има врз политиките” истакна Османи, при што додаде: “Како министер за надворешни работи, исклучително сум сензитивен кон мислењата, активностите и придонесот на граѓанскиот сектор во однос на надворешната политика”.
Воедно, Министерот, говорејќи за актуелните случувања во светот, со акцент на руската агресија врз Украина, информира дека како претседавач со ОБСЕ, од 1 јануари 2023, одлуката е во центарот на приоритетите на претседавањето да бидат луѓето. При тоа, извести дека мотото на претседавањето е: „За луѓето се работи“, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе.
Османи, од Невладините организации побара отвореност и подготвеност за соработка во насока на доближување на граѓанскиот сектор до надворешната политика потенцирајќи дека е отворен за сите нови идеи и предлози и дека од негова страна, може да вети целосна транспарентност, инклузивност и посветеност.