Вчера заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу Халили ја отвори четвртата седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), на која точки на дневен ред за дискусија беа статусот на билатералниот скрининг, статус на спроведување на ИПА Програмата, а беа разгледани и дел од актуелните активности кои ги координира СЕП.
– Главна цел на Работниот комитет за евроинтеграции во овој период е билатералниот скрининг со фокус на оние кластери и области/поглавја кои се актуелни и се во подготовка или имаме преземени обврски за постапување по истите, истакна Абдиу Халили на отворањето на седницата, осврнувајќи се исто така и на ажурираниот календар за скринингот, текот на досегашните билатерални состаноци од кластерот Кластер 2, „Внатрешен пазар“, оние поглавја кои се во подготовка во наредните недели и произлезените обврски.
Во таа насока дискусијата продолжи со информирање на статусот за сите прашања поврзани со подготовка на состаноците од страна на Секретаријатот за европски, подготовката на одговори за преземените обврски, како дефинирањето на индикативни рокови за целосно усогласување на националното со законодавството на ЕУ со можни транзициски периоди, секаде каде тоа во моментов е можно.
Заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу Халили ги информираше државните секретари на министерствата дека одговорите на дополнителните прашања од скрининзите за Поглавјата 5, „Јавни набавки“ и 18 „Статистика“ се доставени до Европската комисија и дека во фаза на подготовка за доставување се и одговорите за дополнителните прашања за областа Функционални демократски институции, Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални права“ и за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“.
Претседавачката со Работниот комитет за евроинтеграции ги потсети членовите на истиот дека целокупниот процес на заокружување на скринингот завршува откако сите прашања се одговорени и доколку нема нови дополнителни прашања од страна на Европската комисија до преговарачкиот тим. Тогаш официјално започнува пишувањето на скрининг Извештаите и во тој контекст таа порача дека во интерес е нашите обврски да ги завршиме навреме и квалитетно.
За Кластер 2, „Внатрешен пазар“ за кој во тек се билатералните состаноци, заменичката на главниот преговарач ја искористи приликата и уште еднаш укажа на важноста да имаме квалитетни презентации за секој од состаноците, а презентерите да бидат добро подготвени, со цел да ја задржиме досегашната пракса на квалитетни презентации и излагања пред Европската комисија.
Во тек се подготовките за билатералните скрининзи и за другите Поглавја од Кластер 2, а од Европската комисија веќе се пристигнати материјали за Поглавјата 10, „Информатичко општество и медиуми“, 16, „Оданочување“ и 29, „Царинска управа“, од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
За статусот за спроведување на ИПА Програмата, државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања информираше дека во тек е подготовка на 8-ми ИПА мониторинг комитет, кој ќе се одржи на oсми март, што остава доволно простор како што рече таа на сите ИПА координатори да дадат квалитетен придонес во ажурирање на заклучоците, а накусо се осврна и на процесот на програмирање на Програмата за 2024 година.
Под точката разно државната секретарка на СЕП и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, ги информираше членовите на Работниот комитет за евроинтеграции дека започна имплементацијата на Проектот SUPRAE, кој е еден од најважните активни проекти во Секретаријатот за европски прашања кој во следните три години ќе обезбеди поддршка во процесот на пристапување на земјата, за Секретаријатот за европски прашања и за сите релевантните институции во овој процес.
Веќе се одржаа билатералните состаноци за Поглавје 3, „Право на основање и слобода на давање услуги“, Поглавје 6, „Право на трговски друштва“ и Поглавје 7, „Право на интелектуална сопственост, а следната недела ќе се одржат билатералните состаноци за Поглавјата 1, „Слободно движење на стоки“ и Поглавје 4, „Слободно движење на капитал“.