Со големо задоволство можам да констатирам дека имаме 70% реализација на започнатите проекти од ТАВ програмата, изјави заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, по завршување на средбата со генералниот директор на ТАВ Метин Батак и претставниците од ТАВ и ТАВ Констракшн.
По состанокот на кој се дискутираше реализацијата на проектите низ општините низ целата држава, вицепремиерот Битиќи изјави дека работите се движат според предвидената динамика.
„Со големо задоволство можам да констатирам дека имаме 70% реализација на започнатите проекти од ТАВ програмата, и дека реализацијата на овие значајни проекти се одвива успешно според предвидената динамика. До денес се завршени 56 проекти, во 56 општини низ државата, а тековно се работи на 25 проекти. Само од последниот пресек кој го правевме пред 6 месеци, имаме реализација на дополнителни 20 проекти“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот информираше дека преку ТАВ програмата се градат водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, поточно инфраструктурни проекти кои се значајни за сограѓаните кои живеат во овие општини.
Директор на ТАВ, Метин Батак, го искажа неговото задоволство од фактот што преку финансирање на овие инфраструктурни проекти заедно со Владата и локалните власти се додаваат повисоки вредности за доброто на граѓаните.
„Вкупниот износ на инвестициите на ТАВ за владините проекти е 49,7 милиони евра. Реализацијата се одвива според предвидената динамика. Во моментов имаме завршени 56 проекти. Континуирано работиме со Владата и општините, со цел да ги постигнеме целите и да придонесеме за развој на локалната инфраструктура во Северна Македонија“, изјави Батак.
Извор: Влада