Владата на Република Северна Македонија Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за исплата на пензии за месец април, 2023 година.
Се задолжува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 24.04.2023 година, а се препорачува на деловните банки да обезбедат, пензионерите да може да располагаат со априлските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа – од 25.04.2023 година.
Се препорачува на деловните банки, преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи, по распоред според висината на пензијата и тоа:
• За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 25.04.2023 година (вторник);
• За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 26.04.2023 година (среда);
• За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 27.04.2023 година (четврток) и
• За пензии со висина над 18.001 денари, исплатата да се изврши на 28.04.2023 година (петок).
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Процесите за Дигитализација, предложена од Министерството за информатичко општество и администрација.
Се задолжуваат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа да бидат вклучени во имплементацијата на Процесите за Дигитализација. За воспоставување на националните насоки за дигитализација (road map), се задолжуваат органите на државната управа, а на единиците на локалната самоуправа им се препорачува, во рок од 30 дена, да достават информација до МИОА, со опис на ИТ инфраструктура и софтверски апликации коишто ги употребуваат.
Дигитализацијата е една од главните цели во програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија, а новата дигитална агенда на Министерството за информатичко општество и администрација, како што е соопштено од ова ресорно Министерство, е една од главните точки на новата национална развојна стратегија. Овој процес, според Информацијата од МИОА, значи промоција, подобрување и унапредување на јавната администрација, на образовниот систем, здравствениот сектор, правосудниот систем и другите области на управување. Целта е обезбедување брзи услуги кон граѓаните и придонес кон намалување на корупцијата во државата, преку намалување на влијанието на човечкиот фактор за процесите каде што тие може да се автоматизираат.
Владата, на предлог на Министерството за здравство, ја разгледа и усвои и Информацијата за давање согласност, за преземање обврски за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во наредните три години, на Министерството за здравство, за набавка на систем за следење (мониторирање) на гликоза.
Станува збор за систем за следење (мониторирање) на гликоза, базиран на сензори, наменет за пациенти со тип 1 дијабетес, за период април 2023 – април 2025 година.
Обезбедувањето на ваков систем за следење (мониторирање) на гликоза (CGMs), за најмладите лица со дијабетес во државава, ќе помогне за едноставно и 24-часовно, безболно, мерење на гликемијата, што според наведеното во Информацијата на Министерството за здравство, придонесува за значително подобра гликемиска контрола и намалување на ризиците од долгорочни компликации. Исто така, во обезбедувањето на овој систем (CGMs), е предвидено да бидат и опфатени и бремените жени, слепи лица и лица со коморбидитети во понапредната фаза.
Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за дуално образование, предложена од Министерството за образование и наука.
Согласно заклучоците, се очекува Економско – социјалниот совет, да даде конкретни предлози за стимулирање на компаниите, вклучени во процесот на дуалното образование.
Во учебната 2022/2023 година, според Информацијата од Министерството за образование и наука, дуално образование се реализира во 61-но средно стручно училиште низ државава, во 225 паралелки со 2.763 запишани ученици и во соработка со 450 компании.
Во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година, предвидено е зголемување на бројот на дуални паралелки и соработка со над 500-тини компании.
Проектот за дуално стручно образование, којшто се води по германски терк, официјално започна од септември, 2017 година, а целта е придонес кон зголемување на вработливоста на младите и продуцирање кадри со соодветни вештини и компетенции, оспособени да влезат на пазарот на трудот, веднаш по завршување на средното стручно образование. Со ова се постигнува и намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на труд.
Владата денеска донесе одлука да го именува Агрон Речи за Државен правобранител на Република Северна Македонија, според процедурите, на предлог на министерот за правда, а по спроведен Оглас.
Новоименуваниот Државен правобранител Речи е досегашен државен правобранител од подрачната единица на Државното правобранителство – Охрид, каде ја извршувал функцијата од ноември 2020 година. По професија е дипломиран правник, според наведеното во неговата Биографија, со долгогодишно правничко искуство во сектори за правни, кадровски и општи работи.
Извор: Влада