Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, беше дел од конференцијата „Заштита на приватноста во дигиталната ера: во потрага по заеднички решенија“, во организација на ,,Метаморфозис“ со поддршка на Европската Унија, во рамките на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“.
Во своето обраќање на почетокот на конференцијата, министерот посочи дека, градењето на инклузивен дигитален екосистем вклучува многу различни аспекти, од кои еден од најважните е заштитата на личните податоци. Техничката и интерирана заштита на личните податоци се однесува на комплесен пристап за обезбедување на приватноста на корисниците и обработка на нивните лични податоци во рамки на дигиталниот екосистем.
,,Технологијата брзо напредува и се менува, а ние како секојдневни корисници мораме да се прилагодиме на предизвиците кои ги носи. Луѓето користат дигитални услуги како онлајн купување, социјални мрежи, е-банкарство и други. За да се изгради доверба во овие услуги, треба да се обезбеди заштита на приватноста на корисниците. Што треба да направат засегнатите страни: Институциите, треба да обезбедат доволно финансиски и човечки ресурси за доследно спроведување на регулативата од оваа област; Организациите кои се залагаат за заштита на правата на граѓаните треба будно да ги следат состојбите во областа на приватноста и да ја информираат јавноста за нивните права и можностите за заштита; Граѓаните треба да бидат свесни за нивните права во врска со приватноста и да ги користат средствата и техниките на заштита; Компаниите кои собираат и користат лични податоци треба да ги обезбедат соодветните мерки за сигурност и заштита. Исто така, треба да се придржуваат кон правилата и регулативите за заштита на приватноста“, рече министерот.
Во таа насока се и планираните активности во МИОА на кои што се осврна министерот, а поврзани со усогласувањето на Законот за заштита на личните податоци согласно европските стандарди, како и тековните и идните активности поврзани со офицерите за заштита на личните податоци.
,,Заштитата на приватноста во дигиталното време е обврска на сите, вклучително и на министерството со кое раководам, па нејзиното значење ќе расте со зголемувањето на нашата зависност од технологијата и дигиталните услуги, па затоа сите треба да дадат придонес во процесот“, рече министерот Алиу.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација