Локалниот младински совет на Општина Делчево денеска ја одржа Конститутивната седница на која младите ги избраа органите на Советот и го донесоа Деловникот за работа на Локалниот младински совет. За претседател е избрана Родне Деолска, а за заменик-претседател, Џастин Мемедов.
На Седницата се дискутираше и за предлог-програмата на Локалниот младински совет која треба да ги обедини идеите на младите и реализираат проектите кои ќе го штитат нивниот интерес.
Како што истакна Деолска, за младите во Делчево има многу можности, но најважен е активниот придонес на сите млади во насока на остварување на нивните интереси.
-Во составот на ЛМС имаме нови, млади лица, амбициозни и талентирани и сите заедно ќе реализираме многи проекти кои се во интерес на младите. Исто така, сакам да ги охрабрам сите млади од Делчево кои досега не биле вклучени во овој процес дека ЛМС им стои на располагање и со нас можат да споделуваат идеи и заедно да реализираме проекти. За младите во Делчево има многу можности и последниот период многу се прави за младите, рече Деолска.
Меѓу првите активности кои се најавија од ЛМС е вклучување на младите во иницијативата „Младите за почисто Делчево“.
Инаку, Општина Делчево е една од првите општини во државава која согласно со Законот за младинско учество и младински политики го конституираше Локалниот младински совет.
Извор: Општина Делчево