Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска учествува на Глобалниот форум за метан 2024 кој од 18-21 март се одржува во Женева, Швајцарија.
Форумот во 2024 година претставува врвен глобален настан кој ги обединува индустриските лидери за промоција на успесите од ублажување на метанот и овозможува преземање на активности со кои ќе продолжи напредокот кон намалување на емисиите на метан.
Во заедничката техничка сесија за биогас што се одржа денес, заменик министерката Оџаклиеска ги презентираше политиките за метан во Република Северна Македонија, со посебен акцент на националните заложби за намалување на емисиите на метан, особено во правец на расчисување на нестандардните ѓубришта како сериозен извор на емисии на метан.
Форумот заеднички го организираат Глобалната иницијатива за метан (ГМИ) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), во партнерство со Глобалниот центар за метан и Коалицијата за клима и чист воздух.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање